Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Унапредување на капацитетот на институциите, заедничка симулациска вежба на МВР и ТАВ Македонија

Денеска на Меѓународниот аеродром Скопје се одржа симулациска вежба на справување на заложничка криза во карго просторот во организација на Министерството за внатрешни работи и ТАВ Македонија.

За време на вежбата, организирана од страна на аеродромскиот оператор, ТАВ Македонија, сите засегнати оддели на Меѓународниот Аеродром Скопје, и Министерството за внатрешни работи, а поддржани и во соработка со националните служби за одговор при итни ситуации и вонредни состојби предизвикани од дејствија на незаконско постапување, беше симулирана вонредна состојба со пратка од висока вредност, заложници и експлозија со импровизирана експлозивна направа, проследена со пожар во затворен простор во приемниот магацин при Карго центарот на ТАВ Македонија. Вежбата овозможи реална, практична можност за проценка и евалуација на координацијата за брз одговор и ефективноста на меѓуинституционалната координација меѓу одделите на скопскиот аеродром, Министерството за внатрешни работи, локалните и националните служби за итни ситуации и вонредни состојби и другите засегнати страни и чинители.

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев истакна дека вежбата се одвиваше на исклучително професионално ниво со соодветна брзина и реакција.
„Преку симулацијата на сценарио на заложничка криза, практично ги тестираме капацитетите на институциите на национално ниво, а исто така го тестираме нивото на подготвеност и брзината на реакција на службите, на владините институции како чинители и на аеродромскиот оператор ТАВ Македонија. Безбедноста на вакви витални инфраструктурни објекти и на секој поединец е од круцијално значење за нас како полиција, бидејќи со сето тоа, со зајакнување и почитување на протоколите за оваа проблематика и нивната имплементација, нѐ мапира нас како држава, но и аеродромот, на високо ниво европско па и светско ниво.“, потенцираше директорот на БЈБ, Јанев.

Заменик директорот на операции на ТАВ Македонија, Перо Лупевски истакна дека оваа вежба на аеродромските безбедносни служби на ТАВ Македонија и специјалните полициски сили при МВР е од исклучително значење за безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје и патниците.
„Со оваа вежба демонстрираме подготвеност, координација и професионализам во справувањето со потенцијални закани. Високото ниво на обука, брзината на реакција и соработката меѓу службите се клучни за заштита на аеродромската оперативна безбедност и обезбедувањето на воздухопловството. Ова не е само тренинг – ова е залог за сигурност, доверба и успешна превенција. Благодарност до сите учесници за нивната посветеност и професионалност. ТАВ Македонија продолжува да инвестира во обука и модернизација за да ги одржиме највисоките стандарди на безбедност.“, нагласи заменик директорот Лупевски.

Вежбата која опфати сложена вонредна состојба предизвикани од дејствија на незаконско постапување, со потенцијална безбедносна закана, има за цел тест на сите засегнати страни за брза реакција и одговор, медицински тимови, кризни комуникации и протоколи за безбедност и обезбедување, и оценка на ефикасноста на плановите за итни ситуации и вонредни состојби на аеродромот, протоколите за комуникација и координацијата меѓу повеќето учесници.

Согледувањата добиени од вежбата ќе се искористат за усовршување на програмите за обука, ажурирање на процедурите за итни ситуации и вонредни состојби, дополнително подобрување на безбедноста и обезбедувањето на патниците и персоналот и зајакнување на соработката и координацијата со ТАВ Македонија и другите институции.