– Како што и самите бевте сведоци денеска овде се одржа македонско унгарскиот владин самит, или втората меѓу владина седница, по таа во Охрид, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со унгарскиот колега Виктор Орбан.
Излагањето го пренесуваме интегрално и во целост:
Најголем дел од работите за кои што денеска на билатерално ниво се разговараше, мојот драг пријател, почитуваниот премиер на Унгарија ги кажа. Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство нешто што го заслуживме многу одамна, била, е и ќе остане наша стратешка цел, тука не треба да има никој дилема. Но, исто така мораме да потенцираме тоа што македонските граѓани го дадоа за реализирање на оваа стратешка цел, која за жал не е поместена од состојбата која што беше пред 20 години е навистина бесценето, односно цената е толку голема што не може да се утврди. Бидејќи пред се зборуваме за билатерализација на процесот на преговори, а не европеизација на процесот на преговори.
Се надевам дека конечно овој процес и за нас ќе биде откочен, со голема поддршка од нашата пријателска Унгарија и дека ние како држава ќе почнеме да преговараме, а јас сум убеден дека многу скоро доколку имаме можност да ги започнеме тие преговори на основа на вистински Копенхашките критериуми да ги завршиме успешно и да бидеме дел од ЕУ.
Исто така, разговаравме и за целокупната поддршка која што ја добиваме од страна на унгарската Влада како македонска Влада. Знаете дека на почетокот имаше и финансиска поддршка од страна на Унгарија, средства кои што се користат за изградба на патишта, булевари, училишта, градинки, практично со тие средства ја модернизираме државата. Она што исто така е многу важно да напомена е дека на денешната меѓу владина седница стана збор за идна, уште подлабока меѓудржавна соработка во делот на инфраструктурата, но исто така министрите помеѓу себе посебно министрите за внатрешни работи и министерот за одбрана разговараа за идна можна воена соработка, односно развивање уште подлабоко на воените индустрии на двете земји, а зошто да не вмрежување и настап на трети пазари.
Премиерот Орбан покажа и докажа многу пати во минатото дека е човек со интегритет, свои ставови и неговиот збор планини тежи за што ја има мојата неизмерна почит како човек кој што често пати со своето однесување знае да инспирира. Му честитам за неговите резултати во полето на економијата, инвестициите и реализацијата на капитални инвестиции тука во Унгарија.
Тој ја водеше Унгарија, ја води и ќе ја води уште долго, многу стабилно и посветено низ многу немирни и несигурни води, секогаш борејќи се за интересите на својот народ и својата држава.
Само ќе потсетам на неговиот одржлив и громогласен став во борбата за заштита на европските граници од нелегалните мигранти. Нешто во што заедно соработуваа и за што Орбан веќе зборуваше.
Заедно да поттикнеме и поддржиме Европа да заземе поинтензивна улога во процес на постигнување на траен и одржлив мир во Украина, преку партнерство и сојузништво со САД, нешто што е во полза и на украинските пријатели, но и во полза на самата Европа.
Како земја сме фокусирани на исполнување на нашата обврска да работиме на просперитетот и животот на нашите граѓани и да обезбедиме иднина.
Имаме и резултати, денеска е објавен растот на БДП за 4-тиот квартал кој што е 3,2 проценти, и после оној во третиот квартал кој што беше 3 проценти, прави да годишниот раст на БДП биде 2,8 проценти, иако некој ни предвидуваше многу помал под 2 проценти. Добро е што во позитивна смисла ќе имаме такви разочарани личности кои што на својата татковина не и мислат добро. Но, тоа е нашата дополнителна инспирација заедно со братски народи пријатели, да работиме заедно во полето на економијата, да работиме заедно во насока на подобрување на животот на нашите граѓани.
За крај би сакал да потенцирам дека нашата цел е јасна – силна, стабилна и просперитетна Македонија во Европската Унија, со економски напредок и високи стандарди за нашите граѓани. Поддршката од пријателските земји како Унгарија е важна во овој процес, но најважна е поддршката на нашите народи во нашите две братски земји и тие заслужуваат подобра и попросперитетна иднина.
Ви благодарам.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...