Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Европа не треба да се залажува дека е центар на светот, ниту дека Украина е важна за новата американска администрација, но дека Европа не треба ниту хистерично да мисли дека тоа е „крајот на светот“, ниту дека Полска треба да живее во илузии дека станала домашно милениче.
„Треба да се искористат сите можности за да не се загрозат односите меѓу Европа и САД. Реалноста е потешка од порано, оваа промена се гледа со голо око. Геополитичката промена во Вашингтон кога е во прашање односот на администрацијата кон војната, кон Русија, ни поставува нови предизвици. Тоа е потешка и поинаква реалност, но нема што да се навредуваме, треба да се справиме со тоа“, изјави Туск во интервју за полската приватна телевизија ТВН24.
И покрај критиките дека средбата на полскиот претседател Анджеј Дуда со американскиот претседател Доналд Трамп минатиот викенд била „дипломатско фијаско“ и понижување бидејќи Трамп го оставил Дуда да го чека повеќе од еден час, а потоа му одвоил само седум минути, Туск рече дека напорите на Дуда заслужуваат почит.
„Секој, без исклучок, е должен да се обиде да го убеди претседателот Трамп во нашите ставови. Трамп е многу потежок партнер од кој било американски претседател. Да не бидеме хистерични, ова не е крај на светот. Но, исто така, да не живееме во илузија дека сме некакви миленици во оваа нова дистрибуција на карти“, рече Туск.
Тој додаде дека Полска е во подобра ситуација од некои други сојузници, но нема простор за измама бидејќи „за новата американска администрација Европа не е центарот на светот, а Украина не е главниот проблем“, рече премиерот.
Туск, чија земја претседава со Европската унија до крајот на јуни, апелираше до полските политичари без исклучок да пристапат на односите со САД без илузии и со јасен акцент на полските интереси.
„ЕУ и САД се Запад во политичка, цивилизациска смисла. Тоа се човековите права, слободата, почитувањето на другите народи, почитувањето на суверенитетот и границите. Тоа мора да го одбраниме“, изјави Туск./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...