Претседателот на СДСМ Венко Филипче, на денешната прес-конференција се осврна на односот на македонската влада кон американската резолуција во ООН која се однесува на војната во Украина.
Филипче оцени дека владата е неконзистентна во своето делување и води надвореѓна политика базирана на импровизации.
„Владата ја продлабочи конфузијата со тоа што прифати да бидеме коспонзори на американската резолуција, но потоа гласаа воздржано. Првпат една македонска Влада што коспонзорира резолуција потоа не гласа за неа. Ова покажува дека нема стратегија, нема координација и дека надворешната политика се води со импровизации, врз основа на лични проценки на премиерот. Ќе беше многу помудро ако Северна Македонија гласаше „за“ и за двете резолуции. Тоа ќе беше принципиелна, стабилна позиција, која ќе ја зајакнеше нашата поддршка и кон Европската унија и кон Соединетите Американски Држави. Овие резолуции не се косат една со друга, тие се надополнуваат. Франција, Германија, Италија и многу други европски земји гласаа „за“ американската резолуција. Ако веќе сме биле коспонзори, зошто не сме гласале за неа? Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди Мицкоски, зошто гласавме спротивно од сите европски земји? Одговори на овие прашања воопшто не добивме од Владата туку само добивме еден одговор „затоа што премиерот така одлучил“. Гласањето за двете резолуции ќе значеше јасен став дека поддржуваме постигнување на мир во Украина за што пократко време“ порача Филипче.
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...