Претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека со донесувањето на законот за високото образование ќе се исполни четвртото барање на студентите во блокадата и изрази надеж дека факултетите ќе се вратат на наставата.
Како што наведе таа, блокадите го загрозуваат постоењето на високообразовниот систем.
Брнабиќ рече дека треба да се земат предвид 230.000 семејства во Србија кои имаат студенти и додаде дека се надева оти ќе има доволно одговорни декани и дека студентите во блокадата ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата и дека нивните одлуки може да ги загрозат животните шанси на некои од нивните колеги.
„Да не се залажуваме повеќе, ќе го доведеме во опасност целиот систем на државни универзитети во Србија, ќе го загрозиме постоењето на нашиот државен високообразовен систем“, изјави Брнабиќ.
Таа изјави дека по две дополнителни спецификации од студентите во блокадата, ќе се донесе законот за високо образование, со што ќе се исполни четвртото барање на студентите во блокадата, кое се однесува на зголемување на буџетските издвојувања за факултетите.
Српската влада во вторникот го усвои предлогот за измени на Законот за високото образование и го испрати до парламентот, а Брнабиќ потоа на прес-конференција најави дека седницата за разгледување на законот ќе почне на 4 март./Извор:Makfax
ПОВЕЌЕ ОД ИНТЕРНЕТОТ...