26. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Трамп одлучил да воведе царини од 25 отсто за стоки од ЕУ

Првиот човек на САД, Доналд Трамп објави дека одлучил да воведе царини од 25 отсто за увоз на стоки од Европската унија, остро критикувајќи го блокот и обвинувајќи го за нефер трговски практики.

„Европската унија е основана за да ги измами САД“, рече Трамп за време на состанокот на владата.

Трамп додаде дека одлуката е донесена и наскоро ќе биде официјално објавена.

– Ќе биде 25 проценти – рече американскиот претседател, прецизирајќи дека новите царини ќе се применуваат „генерално“, но дека тие особено ќе влијаат на увозот на автомобили.

Одлуката за воведување царини доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп веќе воведе слични мерки за увоз на челик и алуминиум, што предизвика бурни реакции кај меѓународните партнери.

Европската унија изрази „длабоко жалење“ за новите мерки и најави решителен одговор за заштита на своите економски интереси.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека ЕУ ќе преземе „силни и пропорционални контрамерки“ како одговор на американските царини.