Денес, во рамки на Денот на италијански дизајн во светот, Амбасадата на Република Италија во Скопје, во соработка со ИТА-Италијанска Трговска Агенција, организираше конференција на тема: “НЕЕДНАКВОСТИ: ДИЗАЈН ЗА ПОДОБАР ЖИВОТ“ на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Конференцијата ja отвори Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Боро Јакимовски заедно со Министерот за Дигитална Трансформација, Стефан Андоновски и Н.Е. Паоло Палминтери, Амбасадор на Република Италија.
Во своето обраќање Амбасадорот на Р.Италија, Паоло Палминтери нагласи: “Италија е земја пионер во интегрирањето на традиционалната естетика со потребите за одржливост и социјална вклученост, преку технолошки иновации. Се надевам дека споделувањето на италијанските примери за одржлив урбан развој, како што е градот Торино, ќе доведе до нови соработки со Северна Македонија”.
Овогодинешното, 9-то издание на ITALIAN DESIGN DAY, претстави некои од најеклатантните примери на италијански урбан дизајн кои имаат за цел надминување на нееднаквостите, урбана иновација, урбана технологија и одржливост.
Посебен акцент ќе биде ставен на успешни примери за урбана регенерација и развој на градот Торино кои ќе бидат презентирани од Кјара Лукини, Менаџер за регионален развој на ТОРИНО УРБАН ЛАБ (институција креирана во партнерство на градот Торино и Универзитетот Политекнико Торино, која ги обединува експертите, граѓаните и бизнисот во креирање решенија за урбана трансформација на градот). Во изминатите 25 години, Торино стана школски пример за урбана трансформација, каде благодарение на креативната пренамена на старите индустрски зони и згради, успешната стратегија за управување со сообраќајот, и промоцијата на економија базирана на знаење, градот успева да се позиционира како атрактивна бизнис и туристичка локација со сосема нов идентитет базиран на инклузивност, култура, гастрономија и модерна уметност.
Директорот Хабот за дигитална трансформација на Пиемонте (DIGITAL INNOVATION HUB PIEMONTE), Франческо Моска, го претстави моделот на соработка и партнерство за одржливи иновации на фирмите и кластерите од Пиемонте во доменот на дигитални и сајбер иновации и дигитална одржливост.
На конференцијата се претстави и Родолфо Пинто, млад италијански претприемач од Бергамо во областа на urban tech и climate tech, и експерт на тема одржлива урбана иновативност. Сопственик и извршен директор на SuperUrbanity, тој со години работи на дигитални решенија кои овозможуваат одржлив развој и транзиција на градовите и бизнисите.
Џовани Ботини, Претседател и Извршен директор на SYSTEMATICA, презентираше иновативни, инклузивни и одржливи решенија за урбана мобилност. SYSTEMATICA е италијанска консултантска компанија за транспортно планирање и мобилност со седиште во Милано и со претставништва во Мумбаи и Њујорк, која обезбедува широк спектар на
интегрирани консултантски услуги во областа на транспортот и урбанистичкото планирање.
Italian Design Day е проект на италијанското Министерство за надворешни работи со кој се промовира дизајнот како универзална експресија на “Made in Italy”. Денот на италијанскиот дизајн се одбележува со богата програма со настани организирани од италијанските амбасади низ целиот свет.
Партнери во организацијата на настанот се Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство -ФИНКИ, БАУ АКЦЕЛЕРАТОР, и ЦАПРИС (Центар за напредни и пост -докторски истражувања при УКИМ. Настанот е финансиски поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија и EuropeHouse.