Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити денес учествуваше и имаше обраќање на завршниот настан на проектот „Градење капацитети кон одржлив развој на човечкиот капитал во Северна Македонија“, во организација на Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ.
На завршниот настан на кој се обратија и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, владиниот координатор за Зелениот климатски фонд Даме Димитровски и проект менаџерот во Канцеларијата на ГИЗ во Скопје, Марк Барет, Меџити ја истакна важноста на борбата против климатските промени, која како што рече, не се однесува само на политиките, технологиите или инфраструктурата – туку и за луѓето.
‘Станува збор за обезбедување на поединците, заедниците и институциите со знаење, вештини и начин на размислување потребни за да се поттикнат значајни и трајни промени. Климатските промени, како посебна цел на одржливиот развој, претставуваат еден од најголемите предизвици на нашето време. За ефективно да се справиме со овие предизвици, мораме да инвестираме во човечки капитал – нашата колективна способност да се приспособиме, да иновираме и да градиме отпорни општества’, изјави Меџити.
Прво и основно, додаде првиот вицепремиер Меџити, образованието игра клучна улога во градењето на отпорност на климата а знаењето ги оспособува поединците да донесуваат информирани одлуки и да спроведуваат одржливи решенија.
На настанот, исто така, се зборуваше за создавање нови „зелени работни места“, кои ќе им дадат можност на младите да работат во сектори кои се во согласност со најновите климатски трендови.
‘Особено сме горди што овој проект ги постави темелите за поттикнување на зелени работни места и унапредување на политиките за социјална инклузија. Во овој контекст, важно е да истакнеме дека Националниот Акциски план за поддршка на развојот на зелено, климатски паметно, родово чувствително и инклузивно вработување, во клучните економски сектори во државата, содржи конкретни мерки за адаптација на пазарот на трудот кон зелената транзиција’, изјави Фатмир Лимани, Министер за социјална политика, демографија и млади.
Владиниот координатор за Зелениот климатски фонд Даме Димитровски истакна дека климатските промени се високо во владината агенда и дека секторите образование, социјална заштита и здравство се препознаени како клучни во зелената агенда. Марк Барет, проектен менаџер на Германското друштво за меѓународна соработка GIZ, истакна дека една третина од портфолиото е всушност имплементација на проекти кои како на национално, така и на регионално ниво придонесуваат кон адаптација на земјоделието и транспортниот сектор, декарбонизација на енергетскиот сектор, унапредување на енергетската ефикасност на јавните објекти и справување со поплави, како и зајакнување на приватниот сектор кој игра клучна улога во зелената транзиција.