Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се сретна со директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Кристина Николовска.
Николовска, најпрво ја информираше претседателката за неодамна одржаната Петта зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, оценувајќи ја како исклучително успешна, како и за подготовките за претстојната Летна школа, што традиционално се одржува во Охрид.
Претседателката го поздрави формирањето на Координативно тело за подготовка на програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик и потсети дека годинава се навршуваат 100 години од излегувањето од печат на грчко-македонскиот АБЕЦЕДАР, букварот за македонските деца во Атина, Грција.
На средбата се разговараше и за лекторатите и катедрите за македонски јазик. Професорката Николовска презентираше листа на постојни лекторати, оние со долга традиција, но и новоотворени, или возобновени, бројот на студентите во нив, реализираните активности и проекти, пројавените проблеми и дилеми и можниот начин за нивно решавање.
За обете, иако Законот за употреба на македонскиот јазик е солидна правна рамка за развој на лекторатите и катедрите, потребен е стратешки пристап во промоцијата на македонскиот јазик и македонистиката, вклучувајќи ја и соодветната финансиска подршка на ангажираните, што ќе овозможи интерес за вклучување не само лектори туку и професори во наставно-образовниот процес.
Претседателката изрази отворена подршка и спремност за понатамошна соработка во ширењето на македонскиот јазик, литература и култура.