Опозициската СДСМ денеска поднесе предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, барајќи драстично намалување на данокот за електричната енергија и основните прехранбени производи.
-Денес, како одговорна опозиција, предлагаме конкретни законски измени кои ќе доведат до заштита и подобрување на животниот стандард. Пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараме намалување на данокот за електричната енергија од 18% на 5%, но и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5% на 0%. Со овие предлог-измени, бараме системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на прес конференција во Собранието.
Тој истакна дека Владата досега не направила ништо за да ги намали цените и посочи на неуспешните политики како што се ” празнични кошнички” и недонесените мерки за контрола на маржите.
-Животот во Северна Македонија станува сè поскап, а граѓаните сè потешко ги задоволуваат основните животни потреби. Индексот на трошоците на животот во јануари 2025 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи зголемување од 4.9%, додека индексот на цените на мало пораснал за 5.2%. Цените на основните прехранбени производи растат без контрола, а семејните буџети се под постојан притисок. Но тоа не е се, граѓаните веќе плаќаат и повисоки сметки за струја. Само во јануари тие се зголемија од 20% до 30%, што претставува уште еден тежок удар врз животниот стандард. Во овие услови, каде што растот на цените го надминува зголемувањато на приходи, сè повеќе семејства се соочуваат со финансиски тешкотии, а за многумина, месечната плата веќе не е доволна ниту за најосновните трошоци. Наместо Владата да интервенира и да ја заузда кризата, гледаме незаинтересираност, одолговлекување и целосно отсуство на мерки што ќе ја заштитат куповната моќ., рече Битиќи.