19. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Трајковски: Концепцијата за гимназиско образование укинува предмети за претприемништво-важни за младите

Интегрален текст од денешната прес-конференција на Петре Трајковски, член на Комисија за образование и наука на СДСМ:

Почитувана јавност,

Предлог Концепцијата за средно гимназиско образование изработена од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а упорно бранета од страна на Министерката Весна Јаневска е несоодветна и штетна за образовниот процес.

Освен укинување на предметите за кои веќе имаше бурни реакции во јавноста од стручната фела, со предлог Концепцијата, Јаневска предвидува укинување и на задолжителниот предмет ,,Бизнис и претприемништво” во IV година и два предмети во изборното подрачје ОХА ,,Економија” и ,,Менаџмет”.

На сметка на овие предмети се воведува еден наставен предмет Економија и Бизнис и тоа само како изборен.

Како дел од Стратегијата за образование 2018-2025 претприемничкото образование и претприемничкото учење беа едни од клучните стратешки цели на кои требаше да подлежи нашиот образовен систем.

Преку нив учениците стекнуваат компетенции кои им се потребни за пазарот на трудот.

Глобализацијата и брзиот технолошки развој доведоа до потреба од наставни предмети кои ќе ги подготват учениците за следење на овие текови.

Со ваквиот предлог во концепцијата тоа сега се руши.

Вака како што се предлага, нема да може да се исполнат стратешките цели и да се подготват учениците за пазарот на трудот поттикнувајќи ја нивната иновативност и претприемнички дух.
Особено не во услови на слободна пазарна економија кога тоа им е најпотребно.

Ова е уште еден аргумент плус зошто треба да се обезбеди јавна расправа во Собранието, предлог што веќе го достави СДСМ.

Ја повикуваме Министерката да обезбеди јавна расправа во Собранието и со пошироката експертска јавност со цел да се разгледаат сите аспекти и да се донесат одлуки што ќе бидат од најдобар интерес за учениците.

Да се вклучат сите релевантни чинители во процесот на креирање на образовните политики, преку отворена и конструктивна дебата.

Само на тој начин, со транспарентна јавна расправа во Собранието и со пошироко вклучување на експертите може да се донесат вистинските одлуки за иднината на младите.