Блумберг објави дека Кит Келог, специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина и Русија, потврдил дека следната недела во Минхен ќе го претстави планот на Трамп за мир во Украина. Келог ќе учествува на безбедносна конференција во Германија и таму ќе ги претстави главните точки на предлогот.
Во објава на социјалните мрежи во вторникот, Келог напиша дека целта на Трамп да стави крај на крвавата и скапа војна во Украина ќе биде тема во Минхен. Тој додаде дека таму ќе се сретне со американските сојузници кои се подготвени да соработуваат со нив.
За време на неговата претседателска кампања, Трамп вети дека ќе стави крај на руско-украинската војна „во рок од 24 часа“ по преземањето на функцијата, или дури и пред да стане претседател. Поминаа речиси три недели откако положи заклетва како 47-ми претседател на САД.
Конференцијата во Минхен ќе се одржи од 14 до 16 февруари, а потоа се очекува да бидат објавени и детали за планот на Трамп, пишува Блумберг.
Според Радио Слободна Европа, планот на Трамп би можел да вклучи замрзнување на конфликтот и оставање на териториите окупирани од Русија „во неизвесност“, додека Украина ќе добие безбедносни гаранции. Но, не е јасно како би изгледале тие гаранции.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во вчерашното видео обраќање рече дека неговата администрација во последните денови ги интензивирала контактите со Вашингтон во врска со можните мировни преговори.
„Имаме значително интензивирана комуникација со американската администрација. Имаме и многу интензивни разговори со другите партнери. На Украина и треба вистински, траен и гарантиран мир и средства за да се осигура дека Русија секогаш знае што ги чека оние што сакаат да и нанесат штета на Украина. Отворени сме за силна дипломатија и сега подготвуваме токму таква дипломатија. И за ова ни е потребна издржливоста на нашите војници, ефикасноста на нашата армија и нејзината модернизација“, рече Зеленски./Извор:Makfax