6. февруари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Пеколна ноќ на Санторини: земјата не престана да се тресе, силни потреси следуваа еден по друг

На грчкиот остров Санторини синоќа беше најтешката ноќ во последните денови бидејќи 20-ина земјотреси со јачина над 4 степени според Рихтеровата скала ја тресеа областа од еден часот по полноќ.

Голем земјотрес е регистриран во 7.51 часот по локално време, североисточно од Анафи, со јачина од 4,6 степени. Половина час подоцна следуваше уште еден со јачина од 4,3 степени, а со интензитет од 4,5 е забележан нешто пред 10 часот.

Земјотресите над 4 степени според Рихтеровата скала принудија голем број жители на островот да скокнат од креветот во страв, објави „Прототема“. Најсилниот земјотрес со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала се случи синоќа.

Сеизмичката активност продолжи синоќа во морската област меѓу Аморгос и Санторини.

Областа беше погодена од повеќе од 6.400 земјотреси во изминатите девет дена, што предизвика загриженост кај научниците и жителите, од кои многумина го напуштија островот.

Во вторникот беше регистриран земјотрес со јачина од 5 степени, чиј епицентар се наоѓа на 22 километра југозападно од градот Аркесини на островот Аморгос.

Според податоците на Националниот универзитет во Атина (НКУА), сеизмичката активност ги покажува карактеристиките на т.н. рој на земјотреси, име што се користи за опишување серија земјотреси, од кои ниеден не бил значително посилен од другите и не може да се карактеризира како голем сеизмички настан.

НКУА наведува дека се можни две сценарија: бројот на сеизмички активности би можел постепено да се намалува со помали потреси во текот на следните неколку месеци или ројот земјотреси може да предизвика поголем, главен земјотрес, проследен со типична секвенција од последователни потреси.

Многумина одлучија да ги напуштат островите, што доведе до голем метеж на пристаништата, но планирани се дополнителни фериботи и воздушни линии за секој што сака да ги напушти.

Од безбедносни причини училиштата на Санторини, Анафи, Иос и на Аморгос ќе бидат затворени до петок./Извор:Makfax