Во пожар што избувна во студентски дом во Љубљана во раните утрински часови повредени се 11 лица, од кои тројца тешко. Според првичните информации, пожарот избувнал во една од собите на првиот кат од студентскиот дом на улицата Пољанска, од каде што бргу се проширил во целата зграда.
Пожарникарите успеале да го изгаснат пожарот, а сите лица од овој објект (363) биле евакуирани.
Според известувањето на Радио-телевизија Словенија, алармот за пожар не се вклучил, но обезбедувањето гласно ги предупредило учениците дека има пожар.
Бегајќи од пожарот, учениците скокнале од прозорците, јавува „N1 Словенија“.
Универзитетскиот клинички центар во Љубљана (УКЦ) соопшти дека три лица се тешко повредени. Едно лице има тешки изгореници, а две ќе бидат оперирани во трауматолошкиот центар поради скршеници на ‘рбетниот столб и на глуждот.
Четири повредени лица се примени на интерната итна медицинска помош поради труење со јаглероден моноксид. Нивната состојба е стабилна и без компликации, додаваат од УКЦ./Извор:Makfax