30. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Народната банка и ОПМ ја продлабочуваат соработката за заштита на потрошувачите корисници на банкарските услуги

Народната банка и Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) ја прошируваат својата соработка заради понатамошно унапредување на заштитата на потрошувачите корисници на услугите на банките и штедилниците. Со потпишувањето на Анексот на Меморандумот за соработка, двете институции дополнително се обврзуваат да вршат размена на искуства, знаења и стручна поддршка во сферата на колективната заштита на правата и интересите на корисниците на финансиските услуги. Документот го потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска нагласи дека заштитата на потрошувачите е еден од приоритетите на Народната банка, како и дека банката редовно презема активности во оваа област, преку унапредување на регулативата и преземање мерки. „Пред три години се формира посебна Дирекција за заштита на потрошувачите и финансиска едукација и за првпат се започна со целни контроли во банките насочени кон заштита на корисниците на банкарските услуги. Воедно, Народната банка постојано работи и на унапредување на правната рамка во доменот на заштитата на корисниците на банкарските услуги, при што во напредна фаза е донесувањето соодветни измени во Законот за банките“, посочи гувернерката и ја истакна и улогата на финансиската едукација којашто ја спроведува Народната банка за заштитата на потрошувачите.

Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, истакна дека продлабочувањето на соработката со Народната банка е значаен чекор кон унапредување на правата на потрошувачите.

„Особено е важно што со овој меморандум се предвидува спогодбено решавање на споровите доколку голем број потрошувачи се оштетени од исти даватели на финансиски услуги над кои надзор врши НБРСМ. Народната банка и ОПМ заеднички ќе работат на унапредување на правната регулатива и доследно применување на прописите“, истакна Лончар-Велкова.

Во завршницата на средбата, Ангеловска-Бежоска и Лончар-Велкова ја потврдија заемната подготвеност за спроведување на заедничките активности, приспособени на актуелните предизвици и потреби на потрошувачите.