30. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Лашкоска: Грижата за водите е одговорност на секој од нас, бидејќи сме дел од заедничкиот простор во кој живееме

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска имаше воведно обраќање на финалниот настан на кој беа презентирани резултатите и постигнувањата од проектот „Младински активизам за одржливи реки: Заштита и зачувување на биодиверзитетот на реката Треска“.

Проектот го спроведува Аналитика – Скопје со поддршка на Амбасадата на Канада за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, а негова цел е да иницира конкретни акции за подобрување на состојбата со водата на реката Треска, како и заштита на локалната флора и фауна, преку воспоставување на партнерства помеѓу младите, граѓанските организации и локалните и националните власти.

Заменик министерката Лашкоска го поздрави вклучувањето на младите во вакви истражувачки проекти:

– Овој проект овозможи учење на техники за собирање податоци од терен, анализа на примероци и мерење на параметри на водата и животната средина. На ваков начин, младите преку конкретен пример се подготвуваат за идните професии поврзани со животната средина, истражувачката и научната работа – рече таа.

Лашкоска истакна и дека со оглед на тоа што за реката Треска претходно не се работени други истражувања, овој проект треба да претставува поттик и идеја за идни активности.

– Заштитата и зачувувањето на биодиверзитетот на реката Треска од една страна возможува согледување и свесност за влијанијата на човековите активности врз квалитетот на речните води, живиот свет и биодиверзитеот на реката, а од друга страна, го зголемува знаењето и свесноста за вредноста и комплексноста на животната средина и за потребните и можни активности за да се заштити и зачува ова природно богатството– додаде заменик министерката.

– Она што дополнително го прави овој проект и оваа анализа вредна за внимание е што во себе го содржи и делот на подигање на јавната свест и одговорноста на секој подинец, бидејќи на крајот на денот грижата за водите не е единствено одговорност на државата и институциите, таа е одговорност на секој од нас, бидејќи сите сме дел од заедничкиот простор во кој живееме – рече Лашкоска.

Во рамки на настанот се одржа и панел дискусија со наслов ‘’Патот кон зачувување на Треска’’ на кој беа споделени резултатите од истражувањето и беше остварено заедничко планирање на идните чекори за подобрување на состојбата на реката Треска, а на настанот учествуваа експерти, професори, претставници од Амбасадата на Канада, претставници од невладини институции, како и младински активисти кои се активни во полето на зачувување на природните ресурси, борбата против загадувањето и заштитата на водните екосистеми.