Американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.
Тоа беше прв разговор на Трамп со странски лидер по враќањето во Белата куќа во понеделникот.
„Двајцата лидери разговараа за напорите за воспоставување стабилност на Блискиот Исток, зајакнување на регионалната безбедност и борбата против тероризмот“, се вели во соопштението на Белата куќа.
„Тие разговараа и за меѓународните економски амбиции на Кралството Саудиска Арабија во следните четири години, како и за трговските и другите можности за зголемување на заедничкиот просперитет на Соединетите Американски Држави и Кралството Саудиска Арабија“, се додава.
Саудиската влада соопшти дека има намера „да ги прошири своите инвестиции и трговија со Соединетите Американски Држави во текот на следните четири години во износ од 600 милијарди долари и потенцијално повеќе“.
Говорејќи на Светскиот економски форум вчера, Трамп го нарече престолонаследникот фантастичен човек и најави дека ќе побара од Саудиска Арабија да ги зголеми инвестициите во САД на трилион долари. Трамп додаде дека ќе побара од Саудиска Арабија и од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да ги намалат цените на нафтата.
Првото патување во странство на Трамп во првиот мандат беше во Саудиска Арабија. Во текот на овие четири години САД одржуваа блиски односи со блискоисточната земја и покрај убиството на новинарот Џамал Кашоги. Тогаш Трамп ѝ даде приоритет на Саудиска Арабија во својата надворешнополитичка мисија ставајќи вето на напорите на Конгресот да се запре продажбата на оружје на земјата и да се стави крај на воената помош на САД за Саудиска Арабија во војната во Јемен.
Трамп исто така ја бранеше саудиската влада дури и кога ЦИА заклучи дека Бин Салман лично го наредил убиството на Кашоги, гласен критичар на неговата влада./Извор:Makfax