24. јануари 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Американски бизнисмен сака да го купи „Тик-ток“

Американскиот бизнисмен Френк Мек корт е отворен за здружување со други купувачи во обид да ги преземе операциите во САД на кинеската „Тик-ток“, зделка што се проценува на 20 милијарди долари, со единствениот услов да има контрола над него, изјави тој за Ројтерс на маргините на Светскиот економски форум.

Милијардерот одби да даде детали за неговите извори на финансирање.

„Прашањето тука не е капитал. Станува збор за чекање (сопственикот) „Бајт денс“ или кинеската влада да донесат одлука за иднината на мрежата“, рече Мек курт.

Неговата понуда дојде веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот потпиша извршна наредба со која се одложува спроведувањето на забраната за популарната апликација за кратко видео во кинеска сопственост за 75 дена.

Трамп, исто така, оваа недела рече дека „би сакал Соединетите држави да имаат 50 отсто сопственички удел во заедничко вложување“ во „Тик-ток“.

Лобирачката група на Мек курт, „Проџект Либерти“, поднесе понуда за купување на „Тик-ток“ на почетокот на јануари, со планови да им се овозможи на корисниците да изберат како ќе се користат и споделуваат нивните податоци. „Тик-ток“ поднесе тужба за блокирање на забраната за неговото работење во САД, но Врховниот суд на САД ја потврди со одлука минатата недела.

Можноста за стекнување сопственост на една од најпознатите светски платформи за споделување видео, или барем нејзината публика во САД, привлече долга листа на луѓе и правни лица од светот на финансиите, технологијата и забавата.

Многумина во орбитата на Трамп или со блиски врски со американскиот претседател беа заинтересирани за „Тик-ток“ откако забраната од САД стана можност под администрацијата на претседателот Џо Бајден. Поранешниот министер за финансии Стивен Мнучин во март изјави дека формира конзорциум од инвеститори за купување на „Тик-ток“./Извор:Makfax