Во изјава за Дојче веле ПР тимот на Христијан Мицкоски изјави дека посетата на премиерот на Вашингтон „е прва ваква можност во историјата на самостојна Македонија, премиерот на Владата на вака високо ниво во американската политика да оствари контакти значајни за државата“.
Сепак, ваквата изјава е само илузија и далеку од реалноста, ако се знае дека македонски државници во минатото оствариле официјални средби со американски претседатели во Белата куќа.
Едната е онаа на починатиот претседателот Борис Трајковски кој беше примен од американскиот претседател Џорџ Буш помладиот во 2001. Познато е дека тие двајцата беа блиски пријатели и претходно и таа нивна средба како претседатели на две држави во Белата Куќа останува, сега засега, како прва официјална средба на македонски со американски претседател.
Втората, официјална средба е онаа на поранешниот премиер Владо Бучковски, кој беше Овалната соба беше примен во октомври 2005, исто така од Џорџ Буш помладиот.
После Бучковски ниту еден македонски премиер немал средба со претседател на САД во Белата Куќа.
Средби со потпретседатели имале Бранко Црвенковски во 1998 година со Ал Гор, Никола Груевски со Џо Бајден во 2011, а последен во Белата куќа од македонските државници беше Зоран Заев во 2018 година на официјална средба со потпретседателот на Трамп, Мајк Пенс.
Средба со Џо Бајден како потпретседател на САД имаше и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, а како запаметен ќе остане дипломатскиот гаф на Иванов кој тогаш во изјава за Гласот на Америка рече дека си намигнал со Барак Обама за време на Молитвениот појадок во Белата Куќа што го организираше Бајден.