27. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Успешно засадена СОНЧЕВА ГОРА 2024

Трета година по ред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Национални шуми посветуваат по едно дрво за секои 10 килограми собран отпад за време на ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД. Денеска се пошумени последните 3.500 садници од вкупните 51 хектари (црн бор, бел бор и Аризона Чемпрес), засадени од страна на Национални шуми. Ова пошумување е именувано СОНЧЕВА ГОРА.

Државниот советник во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Даниела Иротова Лазарева, истакна:
„Оваа година во буџетот на Министерството се издвоени околу 20 милиони денари за пошумување. Но, програмата што ја опфаќа Министерството не е само пошумувањето, туку и чистење на површините од пожарите од оваа година, мељорација, заштита односно третирањето, преглед на садниците што се произведуваат.“

Директорот на ЈП Национални шуми, Здравко Трајанов изјави:
„Пошумувањето значи влог во иднината, влог во екологијата. Како Јавно претпријатие задолжено за шумите една од заложбите е пошумување на голините на стручен начин и да имаме поголема успешност на растењето на дрвјата. Им благодарам на сите волонтери денес што придонесоа денеска во пошумувањето на последните неколку илјади садници на бел бор, црн бор и аризонски чемпрес од вкупно 51 хектар што веќе ги пошумивме според програмата за проширено пошумување “

ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД е најголемата еколошка акција во нашата земја, организирана од „Мен енд Маунтен“ заедно со главните стратешки партнери Пивара Скопје, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање:
„Како главен стратешки партнер на иницијативите „Генералка Викенд“ и „Сончева Гора“, горди сме што Пивара Скопје веќе трета година по ред ги поддржува најголемите национални еколошки акции за пошумување и за собирање на отпад. Тие ги одразуваат нашите компаниски заложби за “Свет без отпад“ и нула емисии на CO2 во атмосферата до 2040-та година. Она што особено ме радува е дека повторно голем дел од нашиот тим Пиварци се пријавија доброволно да учествуваат во оваа акција. Тие се вистински амбасадори на вредностите на Пивара Скопје за одржливост. Со поддршка на вакви акции сакаме да инспирираме и други слични иницијативи и да влијаеме на промена на јавната свест за почист и поодржлив свет,“ вели Снежана Савиќ Димовска, директор за корпоративни политики и одржливост на Пивара Скопје.

Државниот секретар за животна средина и просторно планирање, Ресми Ејупи изјави:
„Ги поздравувам сите партнери и сите учесници во акциите, бидејќи сите овде нѐ обединува силната желба со личен пример да ја поттикнеме и развиеме свеста за животната средина. На отпадот не му е местото во природата. Тој е производ на нашето однесување и живеење, само ние самите можеме да го исчистиме и од нас зависи каде ќе го одложиме и како ќе го третираме.“

На денешната акција за пошумување „СОНЧЕВА ГОРА“ учествуваа над сто и педесет волонтери од Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН, Макстил, Бучим Боров Дол, Костал, Бимилк, Црвен крст, Волонтерски центар Скопје и претставници од општина Старо Нагоричане, истакнувајќи ја важноста дека со колeктивен влог можеме да обезбедиме зелена иднина за нас и за следните генерации.

Во рамките на проектот за само четири години се засадени повеќе од 125.000 дрвја и собрани 915.000 килограми отпад, а досега учествувале над 44.000 пријавени волонтери, од кои повеќе од 10.000 ученици и студенти.