4. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Вистинските промени почнуваат со давање шанса на нови луѓе

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ ја сподели својата визија за новото раководство на партијата, нагласувајќи дека неговата главна цел била да се вклучат луѓе кои досега не биле на партиски функции, но имаат потенцијал да придонесат за обновување на енергијата и довербата во СДСМ.

„Мојот пристап беше да им се даде шанса на луѓе кои досега не биле на функции. Саати и саати состаноци во општинските организации беа неопходни за да се идентификуваат вистинските луѓе кои вредат, но од некакви причини биле тргнати на страна“, изјави Филипче.
Според него, темелноста на процесот и широките консултации веќе почнуваат да даваат конкретни резултати. Новите тимови на локално ниво покажуваат висок ентузијазам, а интересот за партиските активности значително е зголемен.

„На сегашните состаноци има присутни два до три пати повеќе луѓе отколку што тоа беше во предизборниот период. Јас бев во кампања, разговарав со нив. Се чувствува огромен ентузијазам и енергија со поставувањето на овие луѓе“, рече претседателот на СДСМ.

Во рамките на новата структура, СДСМ има назначено нови претседатели на најголемите општински организации ширум државата, вклучувајќи ги Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Велес. Филипче објасни дека овие лидери имаат силна поддршка од базата и веќе ја поставуваат структурата под нив, што дополнително ја зголемува ефикасноста на партијата на терен.

„Станува збор за луѓе кои имаат многу широка поддршка од нашите членови и симпатизери. Тие веќе почнаа да ја поставуваат структурата под нив, што веќе дава резултати“, истакна тој.

Филипче нагласи дека неговата визија е СДСМ да биде партија која вклучува нови лица, идеи и енергија, а истовремено ги одржува принципите на инклузивност и консултација со сите структури. Овој пристап, според него, е клучот за долгорочен успех и доверба од граѓаните.