13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, оцени дека изборот на Доналд Трамп за претседател на САД ќе има многу општествени, политички и геополитички последици, кои ќе го одбележат развојот на светот и за нашите внуци.

Борел во Европскиот парламент истакна дека доаѓањето на Трамп на чело на САД „не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков свет“.

„Мораме да се подготвиме за она што може да следува“, предвиде тој велејќи дека тоа мора да се направи „разумно, внимателно и без да се остави впечаток дека сме парализирани како елен во ноќта пред фаровите на автомобилот“.

Борел посочи дека партнерите во ЕУ мора да покажат дека не се ниту исплашени ниту поделени, но додаде дека реалноста покажува оти тие сигурно се бидејќи, како што додаде, победата на Трамп не била на ист начин добредојдена во сите главните градови на Унијата.

Според него, тоа ќе има последици за односите меѓу ЕУ и САД и објавувањето на американските царини од 10 отсто за европскиот увоз, како што истакна, несомнено ќе ја загрози конкурентноста на ЕУ, а многу повисоките давачки за кинеските производи потоа ќе ги пренасочат кинеските стоки во Европа.

Борел особено посочи дека Европа мора финансиски и индустриски да компензира за најавеното американско намалување на воената и економската поддршка за Киев.

Високиот претставник на ЕУ, кој изминативе денови беше во посета на Украина, рече дека воената ситуација таму не е лесна, има големи жртви на двете страни.

„Мораме да избегнеме дипломатско решение на конфликтот што ќе ја турне Украина настрана и ќе нѐ отстрани и нас“, рече тој.

„Договорот меѓу Соединетите Американски Држави на Трамп и Русија на Путин, заобиколувајќи ги Украина и Европската Унија, со цел да се запре војната и да се одложи за подоцнежни политички разговори, е она што Украина го отфрла, а ЕУ исто така мора да го отфрли“, додава тој, пренесува „Бета“.

Шефот на надворешната и безбедносната политика на ЕУ се осврна и на војната во Газа и рече дека со доаѓањето на Трамп во Белата куќа сигурно ќе има повеќе разбирање за експанзионистичките аспирации на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и помала безбедност за Палестинците./Извор:Makfax