8. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
РЕГИОН

Почина поранешниот солунски градоначалник Бутарис, по потекло од Крушево

На 82 години почина Јанис Бутарис, поранешен градоначалник на Солун по потекло од Крушево.

Веста за неговата смрт ја потврди компанијата за производство на вино „Кир-Јани“, што Бутарис ја основа и водеше со неговите два сина.

Бутарис беше еден од најзначајните енолози во Грција. Од 2011 до 2019 година беше градоначалник на Солун, а во два наврати беше и општински советник, од 2003 до 2011 година, па повторно од лани до својата смрт.

Како градоначалник на Солун, Бутарис првпат дојде во официјална посета на Македонија во 2013-та и тогаш откри дека има влашки корени, од Крушево.

Тој беше гласен поборник за нормализирање на грчко-македонските односи и ги осуди протестите во Солун во 2018 против правото на Република Македонија да го користи терминот „Македонија” во која било опција за решавање на спорот помеѓу двете држави.

„Проблемот е што луѓето мислат дека Македонија ќе ни го одземе идентитетот, но никој нема да го направи тоа. Тие не се закана за нас“, изјави тогаш Бутарис, кој имаше клучна улога за почетокот на преговорите помеѓу властите во Скопје и Атина за името Македонија./Извор:Makfax