13. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Меџити: Зелената агенда, можност за голема координирана еколошка трансформација на регионот

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денеска присуствуваше и ја отвори годинешната конференција на Македонското здружение за енергија од обновливи извори, МАРЕС.

Меџити во своето обраќање ја истакна важноста на Зелената агенда за Западен Балкан како пресвртница за регионот, но и поединечно за земјите, поради можноста што ја нуди за голема координирана трансформација на регионот.

‘Со ваквата трансформација, ефикасноста на ресурсите, заштитата на природата и климатската акција ќе се постават во центарот на сите економски активности и предизвиците ќе се претворат во можности’, изјави Меџити, додавајќи дека кластерот 4 се однесува на Зелената агенда и одржливата мобилност, и како таков, овозможува директнен увид во поврзаноста помеѓу секторите, особено секторот енергетика, транспорт и животната средина, каде е опфатено законодавството од секторите врз кои секторот енергетика има директно влијание – квалитетот на воздухот и биодиверзитетот, водните ресурси.

Првиот вицепремиер информираше дека во однос на придонесот по мерки, најголемо учество во бројот на нови домашни зелени работни места имаат доградба на постоечки станбени згради со 42%, изградба на пасивни куќи 21%, обновливи извори на енергија без стимулации 6% и соларни термални колектори 8%.

‘Употребата на обновлива енергија создава работни места во производството, инсталацијата и одржувањето, поттикнувајќи го економскиот раст и иновациите во енергетската област. Дополнително, со диверзификација на изворите на енергија, обновливите извори ги прават енергетските системи помалку зависни од увезените фосилни горива, со што се подобрува енергетската безбедност’, додаде Меџити.

Меџити на годинешната конференција на Македонското здружение за енергија од обновливи извори, МАРЕС изрази поддршка на интервенциите во примената на обновливите извори на енергија, условена со ненарушување на животната средина и природата.