2. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка го осудија израелскиот закон против ОН

Владите на Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка ја осудија одлуката на Израел да ја забрани работата на агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци УНРВА на окупираните палестински територии, објавија четирите земји во заедничката изјава.

„УНРВА има мандат од Генералното собрание на Обединетите нации. Работата на агенцијата е суштинска и незаменлива за милионите палестински бегалци во регионот, а особено во сегашниот контекст на Газа“, се вели во соопштението.

„Законодавството одобрено од Кнесетот поставува многу сериозен преседан за работата на Обединетите нации и на сите организации од мултилатералниот систем“, се додава.

Претходно израелскиот парламент Кнесет донесе закон со кој се спречува работата на УНРВА на палестинските територии. Предлагачите на законот тврдеа дека дел од „персоналот на УНРВА бил вклучен во нападот на Израел на 7 октомври“.

Од 7 октомври минатата година израелската армија убила 43.020 Палестинци во Појасот Газа, од кои повеќето се жени и деца, соопшти здравствената служба во Газа. Во исто време повреди 101.110 луѓе.

„Шпанија, Словенија, Ирска и Норвешка ќе продолжат да работат со донаторите и земјите домаќини за да обезбедат одржливост на работата на УНРВА и нејзината хуманитарна улога“, соопштија владите на Мадрид, Љубљана, Даблин и Осло. Овие четири земји ја признаа независноста на Палестина оваа година во границите од 1967 година, барајќи повлекување на израелската армија од окупираните територии./Извор:Makfax