„Универзитетот „Мајка Тереза“ е последен би рекол, најмлад универзитет и е дел од образовната политика на оваа Влада. И се разбира дека треба да се поддржи и дека треба да се вложи, да се направи модерна, современа инфраструктура, и тоа не само инфраструктура, туку и добри курикулуми за настава, односно да излезат и добри студенти, затоа што само ние ќе имаме како општество бенефит од сето тоа. Но за сите оние душегрижници, да не се грижат ќе го изградиме и Универзитетот и кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, но и ќе ги завршиме двата недовршени факултети, Факултетот за информатички науки и компјутерска технологија, ФИНКИ практично, и Факултетот за физичка култура. И ќе ги довршиме сите објекти коишто долго време се споменици. Мораме тоа да го завршиме, затоа што тоа го очекуваат од нас граѓаните, бидејќи лошо делува центарот на главниот град. Мора тоа сѐ да се заврши за да имаме пристојно место за живеење, тоа го правиме. Ние нема да влегуваме во правци, во стилови на уметноста и така натаму. Сакаме да биде тоа современа, модерна градба и да завршиме конечно, енергетски ефикасна и така натаму.
Инаку тоа што е лошо на пример ако ги погледате зградите на Факултетот ФИНКИ и за физичка култура ќе видите дека и арматурата што е вградена во бетонот почнала да се сечи, така да ќе треба таму дополнително да се интервенира исто како што и зградата на Народната банка, тука имаме и законски интервенции за да се продолжи рокот за градење. Така што еве за овие четири месеци се задвижени сите работи и очекувам во следните четири месеци и таму да имаме веќе прогрес на теренот. Сакаме да вложуваме во образованието и ќе продолжиме да вложуваме“, изјави претседателот на Владата, Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на одвојувањето на парични средства за изградба на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, со оглед на тоа дека има реакции за ФИНКИ и ФФК кои одамна чекаат доизградба.