4. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Фото: Министерство за транспорт
.МАКЕДОНИЈА

Николоски од Солун: Македонија ја позиционираме како главна крстосница за транспорт на гас и производи кон Централна Европа

Потребна е регионална соработка за регионален развој. Со посетата во Солун и средбите што ги имав на високо ниво со претставници од владата во Грција даваме силен импулс во односите меѓу двете држави. Подготвени сме да соработуваме на регионални проекти за да ги поттикнеме економиите, изјави за ТВ Алфа, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

“ Мислам дека иднината на целиот регион е во соработка. Како што кажав, треба да сме интелигентни, треба да сме паметни и да соработуваме, затоа што само држави кои што соработуваат- напредуваат.

Ние сме соседи, природно сме поврзани и треба двете економии и двата народи да соработуваат. Треба да видиме грчки инвестиции во Македонија, треба да видиме македонски инвестиции во Грција. Треба да видиме развиеност на соработката меѓу Солунското пристаниште и македонските компании и како што кажав треба да видиме и грчки инвеститори во Македонија. Тоа е нешто што природно се случува.

Исто така, треба да го развиваме туризмот на двете страни и треба да ја развиваме поврзаноста. Како што кажавте, јас не сум случајно тука. Ова е прва посета на високо ниво од нас како нова Влада и мислам со ова даваме еден позитивен импулс во односите меѓу двете држави, а очекувам сега и возвратни посети.

Јас денеска веќе остварив средба со господинот Стилијанидис. Тој е еден врвен европски политичар затоа што беше и комесар на Европската Комисија која што ја предводеше Жан-Клод Јункер, а сега е министер за она што е можеби и најважно во Грција, а тоа е морепловството и островите.

Исто така, остварив средба со министерот за транспорт на која што разговаравме за бројни прашања кои што се поврзани со поврзаноста помеѓу двете држави. Понатаму, средба со раководството на солунското пристаниште, на пристаништето Кавала исто така и со директорот на Суецкиот канал кој што е многу важен за целиот регион и за поврзување и секако бизнис асоцијациите кои што се тука. Во еден збор ја отвораме вратата, има големи можности за соработка. Македонија има доста поволни економски услови, знаете дека имаме ниски даноци, дека имаме слободни економски зони во кои што може да се инвестира. Секако, најважно е да имаме нови, добро платени работни места, добра железница, добри патишта за да се поврзат државите” истакна министерот.

Тој потенцираше дека проектот за брза пруга е прв приоритет на владата во делот на инфраструктурните проекти.

“Она што е за нас врвен приоритет е изградба на брза пруга која што би оперирала со 200 километри на час за патнички сообраќај, 120 километри на час карго сообраќај. Значи, тоа ќе ја направи Македонија раскрсница, силен економски коридор за сета онаа роба, за сета онаа стока која што доаѓа на Солунското и на Атинското пристаниште да може да дојдат кон Централна Европа.
Имајќи предвид дека реалноста во Европа се менува ова е уникатна можност за нас да станеме центар, да географската положба која што ја имаме ја искористиме, и да преку Македонија поминува најголем дел од стоката која што се троши во Централна Европа. Истото треба да го направиме и со гасоводите, затоа сакаме да градиме интерконектори, а веќе е објавен тендер со Грција, како и со Србија, како би станале и гасна раскрсница за Европа и како голем дел од гасот за Централна Европа би поминувал низ Македонија. Доколку имаме правилна економска политика, а оваа Влада има, во тој случај Македонија може да живее од наплата на транспортни трошоци и во железницата и во гасното поврзување”, истакна министерот Николоски и во однос на гасниот интерконектор додаде:

Финансирањето оди преку Европската инвестициска банка, што е многу важно тоа е официјалната банка на Европската Унија, тие имаат и свои правила и свои барања ,сега се прилагодивме, што правела претходната Влада не знам и не можам да коментирам треба добро да се испита, но ние како нова Влада еве во рок од три месеци го завршивме да честитам на министерката за енергетика и минерални суровини Сања Божиновска за одличната работа и очекувам веќе во ноември да имаме отворање на побудите и за две до три години да биде изграден интерконекторот со Грција, рече министерот Николоски.