23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Израел се обиде да го убие политичкиот лидер на Хезболах во центарот на Бејрут: „Тој преживеа“

Вчера во израелски напади во центарот на Бејрут загинаа 22 лица, а повеќе од 100 се повредени, соопштија либанските власти, додека висок функционер на Хезболах за влакно избегнал израелски обид за атентат, потврдија три безбедносни извори.

Во јужен Либан, двајца мировници на Обединетите нации беа повредени кога израелски тенк пукаше на набљудувачка станица во седиштето на силите во Рас ал-Накура, поради што ОН соопштија дека нивниот персонал се соочува со зголемена опасност.

Конфликтот меѓу Израел и Хезболах избувна пред една година кога групата поддржана од Иран отвори оган во поддршка на палестинската милитантна група Хамас на почетокот на војната во Газа. Тоа драматично се засили во последниве недели кога Израел почна да ги бомбардира јужните предградија на Бејрут, јужниот дел и долината Бека, при што загинаа многу од највисоките лидери на Хезболах.

Вафик Сафа, кој ја предводи единицата за врски и координација на Хезболах одговорна за соработка со либанските безбедносни агенции, вчера вечерта беше цел на Израел, но преживеа, соопштија безбедносни извори.

Израелските напади погодија густо населена станбена зона со станбени згради и мали продавници во срцето на Бејрут.

Израел не издаде предупредувања за евакуација пред нападот и претходно не ја напаѓал областа, која е далеку од јужните предградија на Бејрут каде Израел постојано го бомбардираше седиштето на Хезболах.

Либанското Министерство за здравство извести за 22 загинати и 117 ранети, а меѓу загинатите има и осумчлено семејство. Обидот за атентат врз Сафа, чија улога ги спојува безбедносните и политичките прашања, означи проширување на израелските цели меѓу претставниците на Хезболах, кои претходно се фокусираа на воените команданти и врвните лидери на групата.

Израел веднаш не го коментираше инцидентот. Меѓутоа, Израел објави дека го убил Мухамед Абдула, водачот на мрежата Исламски џихад во палестинскиот бегалски камп Нур Шамс./Извор:Makfax