9. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

СДСМ бара Kомисијата за деловнички прашања да биде свикана за одлуката на Гаши за Законот за бранители

Изјава за медиуми на потпретседателот на Собранието Јован Митрески

Денес како потпретседател на Собранието предложен од најголемата опозициска партија, врз основа на член 62, став 4 од деловникот, преку архивата доставив допис, барање до претседателот на собранието, господинот Африм Гаши, да ја задолжи комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања и да свика седница каде ќе се толкува примената на членот 126 став 3. Бидејќи апсолутно не се согласувам со образложението на претседателот за овој член од деловникот, го доставив наведеното барање.

Ако врз основа на истиот член, господинот Африм Гаши, ја свика комисијата за финансирање и буџет, за задолжувањето од Унгарија, што реално, е и негова деловничка обврска, истото може да го направи и со законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили.

Пред скоро 10 дена, координаторот на пратеничката група на СДСМ, господинот Оливер Спасовски, поднесе барање до претседателот на Собранието да достави образложение за тоа дали и кога ќе ја свика седницата на комисијата за разгледување на овој закон, по истиот терк како што беше свикана и комисијата за финансирање и буџет.
До овој момент, образложение или одговор нема, и најверојатно нема ни да има. Има некакви образложенија пратени до јавноста, кој воопшто немаат смисла, ниту се во согласност со деловникот ниту имаат допир со реалноста. Затоа, ако претседателот на собранието, Африм Гаши е сигурен во неговото образложение, бараме да се свика комисија за деловнички имунитетни и мандатни прашања и таму да ги судриме аргументите.

Ова е шанса и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да докажат дека реално се залагаат за решавање на овој проблем, а нивната заложба, не е само декларативна.