4. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

40 млади ќе решаваат реални проблеми на компании користејќи вештачка интелигенција

Вчера започна 14. меѓународна школа „AI IN ACTION: Students & Companies Co-creating the Future“ на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која од 24. до 27. септември обединува 40 студенти и повеќе од 10 компании. Во овој период младите, поддржани од професори и експерти, работат на решенија на реални проблеми со кои се соочуваат компаниите користејќи вештачка интелигенција. Настанот се организира од страна на Економскиот факултет – Скопје, во соработка со Активноста на УСАИД Северна Македонија за млади кои создаваат можности.

„Важно е да се користи вештачката интелигенција затоа што во новиот систем на конкурентност лицата што користат вештачка интелигенција ќе бидат подобри од оние кои не користат. Меѓутоа, исто така е важно да стекнеме знаење од областа во којашто работиме, да научиме за моделите и практиките кои се користат и преку интеракција со вештачката интелигенција да станеме и ние подобри и да креираме решенија кои ќе можеме да ги користиме во нашето учење, работење, во приватниот и професионалниот живот”, изјави проф. д-р Мијалче Санта од Економски факултет-Скопје.

Учесниците низ работилници во следните денови ќе се обучуваат да интегрираат вештачка интелигенција во секојдневната работа, што ќе се постигне преку практичен и директен пристап. Ваквиот пристап е во согласност со главните цели на Активноста на УСАИД Северна Македонија за млади кои создаваат можности, која се залага младите да имаат повеќе можности теоријата да ја преточат во пракса и да ги унапредат своите вештини.

На отворањето на школата исто така се обратија проф. Сашо Јосимовски, претседател на oрганизациониот комитет и Тара Калапути, проектен менаџер, УСАИД Северна Македонија

Ова иницијатива е организирана во рамки на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од американската непрофитна организација Унапредување на економиите за посилни заедници, во партнерство со Центарот за развој на менаџери и претприемачи (CEED Hub) Скопје и Младински образовен форум, и се овозможени со поддршката на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД.