Обезбедувањето добар почеток, квалитетно образование и достоинствен живот за секое дете е заедничка одговорност на институциите, компаниите и целото општество, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на одбележувањето на Светскиот ден на детето и почетокот на одбележувањето на 80-годишнината од основањето на УНИЦЕФ, на настанот „Ѕвониме за децата“, организиран од УНИЦЕФ и Македонската берза.
„Имаме заедничка привилегија да бидеме возрасните во детствата на денешните деца. Тоа ја прави нашата одговорност уште поголема. Секое дете заслужува можност да го развие својот полн потенцијал, да расте со љубопитност наместо со страв и да учи во средина што го охрабрува да прашува, да истражува и да верува во сопствените способности“, посочи министерката.
Министерството за образование и наука континуирано вложува во подобрување на основното образование, како преку унапредување на училишната инфраструктура, така и преку создавање поквалитетно и побогато училишно искуство за учениците.
„Со воведувањето на едносменската настава и проширувањето на продолжениот престој во училиштата, на децата им обезбедуваме повеќе време за учење, дружење, спорт, креативност и развивање на нивните интереси. Училиштето не е само место каде што децата стекнуваат знаење. Тоа е место каде што ги градиме како личности“, нагласи Јаневска.
Тука посебна улога имаат наставниците, кои покрај пренесувањето на знаења, треба да ги слушаат учениците, да ги разбираат нивните потреби и да ги поттикнуваат самостојно да размислуваат.
„Секое дете заслужува да има училиште кое е отворено за него. Ова лесно се кажува, но има многу предизвици во реализацијата. Сепак, истрајни сме во напорите да обезбедиме поквалитетна инклузија, повеќе запишани и помалку осипани ученици“, укажа Јаневска.
Кога станува збор за децата, ниедна институција, ниту било кој друг чинител, не може сам да направи добробит за нив.
„Образованието не може без семејството, а на семејството му е потребна поддршка од пошироката заедница. Грижата за децата што ја има едно општество, покажува колку тоа општество е зрело како целина, колку е дораснато да мисли долгорочно за подобра иднина на сите. Затоа ја поддржувам иницијативата ‘Ѕвониме за децата’, која испраќа важна порака дека правата и потребите на децата треба да бидат дел од секоја општествена одлука, вклучително и на деловните и инвестициските одлуки“, заклучи Јаневска.
Овогодишниот Светски ден на детето и јубилејот на УНИЦЕФ се одбележуваат под глобалниот повик „Да избереме иднина за децата“, со посебен акцент на вложувањето во најраните години од животот и проширувањето на еднаквиот пристап до квалитетно рано учење, образование и грижа за секое дете.
фото Министерство за образование и наука


