16.8 C
Скопје
19. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ризаов: Како што гореа планините, шумите, националните паркови, така изгореа и надежите дека ќе се решаваат државните приоритети

„Како горат планините, шумите, националните паркови, така горат и надежите, дека некои од главните државни приоритети ќе се решаваат брзо. Овие стотина дена само слушаме држте го крадецот, дека власта на заминување оставила празна каса и хаос. Оправдувањата за лошиот почеток и погрешната насока по која тргна новата власт држат вода кусо време каде што превладува разумот, што за голема жал кај нас секогаш е во малцинство. Во Македонија на лагата долги и се нозете, можат со години да се лажат заблудените, ама колку подоцна се откриваат, толку потешки се разочарувањата и последиците“ пишува Ерол Ризаов во неговата колумна.

Тој додава дека уште со првиот потег владата направила грешка, односно со обезбедувањето кредит од милијарда евра под сомнителни околности. Според него овие средства ќе бидат употребени, односно раздадени по општините за коруптивни локални избори идната година.

„Одложување на уставните промени што е главен и единствен предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ е со глупаво оправдување дека во Бугарија нема политичка влада со која власта планира повторно да преговара, што е невозможна мисија за подобрување на преговарачката рамка прифатена од ЕУ, или пак за некакви суштински промени на веќе склучениот договор“ пишува Ризаов.

Тој додава дека и со Грција односите се нарушија без никаква потреба и дека нема никаква загриженсот во власта за одложувањето на преговорите со ЕУ.

„Напротив, тој врвен државен интерес и приоритет се игнорира и се сместува во бајати теми кои не носат изборни поени. Скапоценото изгубено време, се оправдува со: еее, сме чекале толку време, па од тоа ништо не бидна. Ќе почекаме додека не попуштат Бугарите и ЕУ“ пишува Ризаов и додава дека се уште никој не објаснил што изгубија граѓаните на личен план и што уште може да изгубат со тоа што Македонија доцни со децении.

„Голем број граѓани уште веруваат дека, ако не биде подобро, се ќе биде исто во нивниот живот, па затоа и не мора да правиме компромиси. Голема заблуда. Треба еднаш конечно да ги научиме историските лекции за загубите на Македонија низ целата нејзина историја на доцнење, па тогаш може да стане појасно колкава е нивната лична загуба“ пишува Ризаов.