24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Со парите од Унгарија се спрема огромна корупција

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче смета дека со кредитот од 500 милиони евра од Унгарија се се подготвува огромна корупција од страна на Владата на Мицкоски. Тој вели дека единствената причина зошто во четири очи е дгоговорен овој кредит е заради тоа што трошењето на парите нема да биде контролирано од ниедна меѓународна институција, како што е тоа случај со кредитите од ЕБОР или останатите меѓународни финансиски институции.

„Единствената причина зошто ВМРО-ДПМНЕ реши да земе ваков кредит е затоа што за истиот нема контрола како се троши. Инаку има поволни кредити за стопанството преку европски финансиски инструменти, дел веќе ги користат нашите компании.

Ова значи дека овие пари ќе се потрошат неконтролирано што апсолутно значи дека ќе има многу корупција. Според нашите информации, ВМРО-ДПМНЕ и за делот кој се однесува на проекти од општините веќе преговара со компании кои ќе ги работат проектите, при што ќе бидеме сведоци на офајдување на бизниси блиски до ВМРО-ДПМНЕ“ – вели Филипче.

Филипче смета дека ќе се договори кредит во четри очи, веќе следниот ден стига и фактурата за услугата.
„Веднаш по кредитот стигна и најавата дека телекомуникациска компанија блиска до Орбан влегува во државата. Таа се најавува како некаква голема инвестиција која реално ништо нема да донесе за граѓаните и економијата. Ова е првата фактура, а допрва ќе видиме уште колку вакви ќе стигнат“ – вели Филипче.

Филипче смета дека овој кредит е бизнис план на Мицкоски на штета на граѓаните.

„Кредитот од Унгарија е всушност бизнис план на Мицкоски кој со сигурност ќе оди на штета на граѓаните. Три поколенија ќе ги враќаат позајмувањата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ зад кои се кријат очигледни матни намери“ – заклучува претседателот на СДСМ.