24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче: Допрва ќе стигаат фактурите за наводниот поволен кредит од Унгарија

Фактурата за договори во четири очи стигнува веднаш. Една од фактурите за кредитот од Унгарија, што го договара владата на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, е најавата дека телекомуникациска компанија блиска до премиерот на Унгарија, Виктор Орбан влегува во Македонија. Таа се најавува како некаква голема инвестиција која реално ништо нема да донесе за граѓаните и економијата.

Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“.

„Но, Владата не одговара, како унгарскиот мобилен оператор „4iG“ ќе влезе во земјава кога има стратешко партнерство со кинеска компанија и тоа е спротивно на домашните закони со кои се обврзуваме да користиме телекомуникациски системи од доверливи добавувачи. Ова е уште еден од серијата чекори кои упатуваат на заклучок дека државата сериозно застранува од стратешкиот правец“, смета Филипче.

Допрва ќе видиме кои се следните фактури кои ќе стигнат и какви бизнис интереси се кријат зад целата работа, вели Филипче. Според него, кредитот од Унгарија е всушност бизнис план на Мицкоски кој со сигурност ќе оди на штета на граѓаните.

„Три поколенија ќе ги враќаат позајмувањата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ зад кои се кријат очигледни матни намери“, вели тој во интервјуто.

Покрај матните намери, Филипче во интервјуто наведува дека кредитот од Унгарија е и извор на корупција, особено поради тоа што за него нема да има контрола како се трошат парите, процедура врз која подлежат земјите кога се задолжуваат кај финансиски институции, појаснува Филипче.

„Ставање на државата во економско и политичко заложништво на друга земја е многу погрешен чекор. Мицкоски обвинуваше за наводно подаништво на СДСМ кон ЕУ, а сега тој лично е најголемиот поданик на Унгарија, земја со отворено происточни тенденции и нејасна улога во рамките на Европската Унија. При состојба на ваков долг кон Унгарија, несомнено е дека и политичките одлуки и целосната стратешка ориентација на земјата ќе бидат под силно унгарско влијание“, вели Филипче.

Немањето контрола над трошењето на парите е во интерес на владата на ВМРО-ДПМНЕ и фирми блиски до партијата.

„Ова значи дека овие пари ќе се потрошат неконтролирано што апсолутно значи дека ќе има многу корупција. Според нашите информации, ВМРО-ДПМНЕ и за делот кој се однесува на проекти од општините веќе преговара со компании кои ќе ги работат проектите, при што ќе бидеме сведоци на офајдување на бизниси блиски до ВМРО-ДПМНЕ“, вели Филипче.

Покрај за кредитот од Унгарија, претседателот на СДСМ во интервјуто за неделникот „Фокус“ зборува за актуелните случувања во земјата поврзани со двомесечното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Филипче ги анализира најавите на премиерот Мицкоски за наводна дестабилизација на државата иницирана од ДУИ, кадровската политика на владејачкото мнозинство како и првите големи државни и реформски пропусти на Владата што, според претседателот на СДСМ, довеле до брзо намалување на поддршката од граѓаните од изборите до сега. Понатаму, во интервјуто Филипче зборува и за активностите во СДСМ и нејзиното консолидирање и делување во пресрет на локални избори 2025.