Денеска во Собранието почнува расправата за ребаланс на буџетот.
Со ребалансот државата годинава планира да потроши рекордни 5,89 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет. Дефицитот се зголемува на 720 милиони евра од постојните 585 милиони. Зголемени се и приходите за дополнителни 130 милиони евра и сето ова при надолна ревизија на економскиот раст за годинава, од 3,4 на 2,1 отсто од бруто домашниот производ. Се обезбедуваат пари за повисоки пензии, за исплата на плати, тековни трошоци и инвестиции.
Во ребалансот на буџетот доминира социјалната компонента, но значајно е што се задржува и развојната, иако реализацијата на капиталните инвестиции досега е далеку од посакуваното. Парите за оваа намена се кратат незначително и се на ниво од 730 милиони евра, со тоа што во дел се кратат, односно пренаменуваат средствата од онаму каде не се работи кон проекти чија реализација се одвива со задоволителна динамика.
Според Владините проценки, инфлацијата годинава треба да достигне 3,5%. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен во првата недела од август./Извор:Makfax