Вчера, беше пронајдено тело на дете во Естроф во Долна Саксонија. Телото го пронашол земјоделец додека косел ливада.
Полицијата утрово соопшти дека идентитетот на пронајденото дете сѐ уште не може со сигурност да се утврди. Сепак, се сомнева дека се работи за 6-годишниот Аријан, кој исчезна пред два месеца, пренесува магазинот „Феникс“.
Во соопштението полицијата не ја прецизира точната локација на која е пронајдено телото, ниту другите околности на пронаоѓањето. Единствено е сигурно дека земјоделецот го пронашол телото вчера околу 16.30 часот. Почната е истрага.
Полицијата се сомнева дека се работи за Аријан од Бремерворде, кој исчезнал пред два месеца. Момчето со аутизам исчезна од куќата на родителите на улицата Охфелдринг во населбата Елм на 22 април. Полицијата поседува снимка од блиската надзорна камера. Според информациите на „Билд“, на видеото се гледа како Аријан бргу се движи по улицата околу 19.15 часот. Во тој момент држи предмет што личи на меч-играчка или стап и изгледа безгрижно.
По многубројните неуспешни пребарувања, во кои бил вклучен и Бундесверот, активната потрага по момчето во еден момент била прекината. Во потрагата се користени повеќе од 1.200 луѓе, полицајци на коњи и дронови.
Германските медиуми јавуваат дека местото на кое е пронајдено телото на детето е на околу 8,7 километри од неговиот семеен дом./Извор:Makfax