26.8 C
Скопје
19. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Зеленски очекува „важни одлуки“ од самитот на лидерите на најмоќните земји во светот

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека очекува „важни одлуки“ од самитот на Г7 што започнува во Италија, особено потпишување на безбедносен договор со САД и Јапонија.

„Голем дел ќе биде посветен на Украина, нашата одбрана и економска отпорност. Очекуваме денеска да се донесат важни одлуки“, објави Зеленски на Телеграм.

Украина треба да потпише билатерални безбедносни договори со Јапонија и САД. Зеленски рече дека со американските партнери ќе биде потпишан документ без преседан.

Земјите-членки на Г7 треба да разговараат за деблокирање на заемот од 50 милијарди долари за Киев, кој би бил обезбеден со камата од запленетите руски средства. Г7 е меѓувладин политички и економски форум кој се состои од седум економски водечки земји во светот – САД, Канада, Обединетото Кралство, Франција, Германија, Италија и Јапонија. На самитот учествуваат и претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет.

Во четвртокот Украина го поздрави новиот пакет американски санкции против Русија. „Особено ги поздравуваме строгите мерки против руската воена индустрија и пристапот на Русија до технологијата и ресурсите во странство“, објави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на X.

„Затворањето на воената машина на Путин е клучно за светската безбедност. Секое оружје што Русија не може да го произведе е спасен живот“, додаде тој. Во вторникот, Зеленски ги повика западните сојузници да му испратат нови системи за противвоздушна одбрана за одбрана од руските напади кои ја фрлија на колена енергетската инфраструктура на Украина.

По самитот на Г7 во Швајцарија, во сабота и недела ќе се одржи мировна конференција за Украина, на која ќе учествуваат речиси 90 земји и меѓународни организации. Русија не беше поканета./Извор:Makfax