16.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН: Насилството врз децата во воени конфликти достигнa исклучително високо ниво во 2023 година

Насилството врз децата во конфликтите ширум светот достигна екстремно високи нивоа во 2023 година, вклучително и невиден број на убиства и повреди на деца, од Појасот Газа до Судан, Мјанмар и Украина, предупредија Обединетите нации во најновиот извештај.

ОН наведуваат дека во текот на 2023 година, 1.721 сериозни прекршување на правата на 1.526 деца биле забележани во воени конфликти низ целиот свет.

Во годишниот извештај на ОН за децата во вооружените конфликти, до кој АП имаше пристап во вторникот, се посочува дека бројот на тешки прекршоци врз деца под 18 години е зголемен за 21 отсто во Конго, Буркина Фасо, Сомалија и Сирија.

Нападот на 7 октомври на Хамас врз јужен Израел и израелската воена операција во Појасот Газа што следеше како одговор, доведоа до 155 отсто зголемување на сериозните прекршувања врз децата, особено поради употребата на експлозивно оружје во густо населените области на Газа, според извештајот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

На палестинските територии беше објавено дека околу 19.890 палестински деца биле убиени или повредени и дека овие податоци чекаат проверка.

Во извештајот на ОН за прв пат израелските сили беа ставени на глобалната црна листа на земји кои ги кршат правата на децата поради убиства и ранети деца и напади на училишта и болници.

Исто така, во извештајот за првпат се споменуваат милитантите на Хамас и на палестинскиот исламски џихад како одговорни за убиства, ранети и киднапирање деца.

Втора година по ред, ОН ги стави на црната листа руските вооружени сили и поврзаните вооружени групи за убивање и повредување деца и напад на училишта и болници во Украина.

ОН соопштија дека 80 украински деца биле убиени, а 419 ранети во руските напади минатата година.

Во Судан, во конфликтот меѓу суданската армија и паравоените формации во текот на 2023 година, бројот на тешки прекршоци врз деца се зголемил за 480 отсто, се наведува во извештајот.

Суданските вооружени сили и ривалските паравоени сили за брза поддршка се на црната листа за убивање и повредување деца и напад на училишта и болници, а паравоените формации исто така се ставени на црната листа за регрутирање и користење деца во воени операции и за силување и сексуално насилство.

За време на граѓанската војна во Мјанмар, минатата година бројот на тешки прекршоци врз децата се зголеми за 123 отсто.

Вооружените сили на Мјанмар и седум вооружени групи се исто така на годинешната глобална црна листа за сериозно кршење на правата на децата. Во извештајот се наведува дека ОН потврдиле 2.799 сериозни прекршувања на 2.093 деца, вклучувајќи 238 убиства и 623 повреди кои им се припишуваат на армијата и нејзините сојузнички милиции./Извор:Makfax