35.8 C
Скопје
21. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Филипче предвидува нови партиски тела: Совет на ветерани, Комисија за етика и одговорност и Стратешки Совет

Преку активирање на искусни политичари и експерти, поранешни високи функционери во СДСМ кои на дневна основа ќе ги следат политичките случувања и навремено ќе реагираат, Венко Филипче планира да ја реорганизира и врати на правиот колосек СДСМ.

Филипче е кандидат за претседател на СДСМ и во програмата што ја достави и со која очекува да го привлече членството да го поддржи предвидува формирање на нови тела и воведување на нови форми на внатрепартиски избори за општинските организации.

Советот за политика и стратегија, Секретар за односи со општинските и месните комитети, Комисија за етика и одговорност, секторски комисии, како и промена на начинот на внатрепартиските избори за општински раководства се само дел од новите структури и процеси кои според Филипче ќе овозможат поефикасно и поодговорно функционирање на партијата.

„Советот за политика и стратегија ќе се состои од политичари, експерти и надворешни соработници кои на дневна основа ќе ги анализираат политичките состојби и ќе креираат стратегии и политики за партијата. Советот ќе биде задолжен да го контролира идеолошкиот развој и позиции на партијата и да ги усогласува политиките на социјалдемократските принципи“, наведува Филипче во својата објава.

Искусни политичари на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, пак, ќе го сочинуваат Советот на ветерани кој ќе служи како советодавен одбор на претседателот.

„Користејќи го големото значење и искуство на неговите членови, СДСМ во иднина ќе носи издржани стратешки одлуки. Советот ќе игра клучна улога во зајакнување на кохезијата во партијата и обединување на сите струи и крила“, пишува во објавата на Филипче.

За одговорно однесување на сите партиски членови, особено на високите партиски и политички функционери, ќе се грижи Комисијата за етика и одговорност, исто така ново тело предвидено во програмата на Филипче.

„Создавањето на Комисијата за етика и одговорност е критичен чекор во обезбедувањето транспарентност и етичко однесување во СДСМ. Комисијата ќе се погрижи сите членови на партијата, од најниско до највисоко раководно ниво, да се придржуваат до кодексот на однесување на партијата“, предвидува Филипче во програмата.

Филипче во своите досегашни настапи истакна дека резултатите што ќе бидат постигнати врз основа на неговата програма ќе бидат брзи и позитивни. Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани за 30 јуни. Право на глас имаат сите членови на партијата со активно членство и со избор помеѓу четири кандидати – Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски.