22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновски: Приоритет во мојот мандат ќе биде враќањето на довербата во Уставниот суд и во правната држава

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски денеска одржа прв брифинг со новинарите на којшто ги запозна со приоритетите и активностите во раководењето со Судот во следниот период.

Костадиновски како прв приоритет во неговиот мандат како претседател на Судот го посочи враќањето на довербата во Уставниот суд и во правната држава и посочи дека ќе работи на подобрување на перцепцијата на граѓаните преку преземање на конкретни чекори за надминување на предизвиците.

Во прилог изјавата на претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски:

Ако сме свесни за нашата општествено-уставна реалност тогаш јасно е дека довербата на граѓаните во институциите на системот и во правната држава е на историско најниско ниво. Ако е тоа така, сосема природно за мене како претседател на Уставниот суд е приоритет над се’ да биде враќањето на довербата во Уставниот суд и во правната држава.

За остварување на тој приоритет неопходни се неколку чекори.

Прво е бескомпромисноста во обезбедувањето на самостојноста и независноста на Уставниот суд.

Од донесувањето на првиот Устав од 1991 година Уставниот суд останува најнереформираната институција во нашата држава во поглед на правната рамка. Уставниот суд ја црпи својата надлежност директно од Уставот и од Актот на Судот. Но, се поставува прашањето дали ваквата „статус кво” состојба во однос на правната рамка одговара некому и на кого? Тука се надоврзува прашањето дали се исполнети очекувањата на граѓаните 33 години по донесувањето на Уставот?

Во таа смисла во наредниот период со сите релеванвни фактори и чинители ќе разговарам за интервенција во Уставот со цел да создадат уставен основ за донесување на закон со којшто ќе се операционализираат уставните одредби кои се однесуваат на Уставниот суд. И тоа не било каков закон, туку системски закон бидејќи тој е начинот на којшто ќе се гарантира самостојноста и независноста на Уставниот суд.

Ќе продолжам со настојувањето на сите мои претходници со цел зголемување на обемот на заштитата на слободите и правата на граѓаните за воведување на Уставната тужба или жалба.

Второ, ќе биде мојата бескомпромисност во обидите за политички или од било каква друга природа, влијанија врз судот или врз уставните судии.
Во однос на бескомпромисноста на политичките или било какви други влијанија јавно кажувам дека сум и ќе останам лојален само на Уставот и на никој друг.

Уставната и правната култура ќе биде високо на мојата агенда.

Во однос на предизвикот на политичко-правна и уставна култура кои ги посочувам како една од причините за недоверба на граѓните во правосудниот систем и институциите, ќе апелирам особено кон државните органи како најповикани, луѓето кои се на највисоките државни должности правилно да ја разберат неопходноста од уставно-правна и политичка култура, но и секој еден поединец, значењето на Уставот ќе добие смисла доколку секој еден граѓанин ја чувствува како должност потребата да го штити Уставот. Само ако сите граѓани останат лојални и како должност ја разберат заштитата на Уставот, само на тој начин ќе зборуваме дека нивните права се заштитени.

Судскиот активизам, односно оживување на една наша атрофирана функција, а тоа е поведувањето на постапки по сопствена иницијатива е високо на мојата агенда.

Долго време откако сум јас судија, Уставниот суд се соочувал со сериозни предизвици, особено со бројот на судии со кои работеме, еден временски период работевме со пет судии, а потоа се пополнувавме. Денес, Уставниот суд е комплетен по што се исполнети сите претпоставки за оживување на таа атрофирана функција на Судот, по сопствена иницијатива, не само по иницијатива на граѓани да се вклучиме во заштитата на правната држава. Ќе направам се што е во моја надлежност да овој судски активизам да биде се поприсутен.

Транспарентноста и отвореноста на Судот кон јавноста ќе продолжи по највисоки стандарди и она што планирам да направам е поинтензивна соработка и поголема присутноат на науката во Уставниот суд

Една од моите идеи откако сум дојден во Судот, а сметам дека позитивно ќе влијае на подигнување на довербата на граѓаните е да се овозможи нашите седници да се снимаат во живо. Постоела таква пракса, факт е дека во многу други држави нема пракса, но многу други држави не се на ниво на такво девастирано владеење на правото како што сме ние. За враќањето на довербата кај граѓаните ќе треба малку похрабри и поодлучни чекори. Ќе зборувам со моите колеги и ќе работам на оваа неопходност.

Меѓу моите приоритети ќе биде и зајакнување на соработката со науката. И нам како судии ни се јавуваат многу важни уставно-правни теми и дилеми и често имаме спротивставени мислења, впрочем за тоа доволно говорат моите издвоени 55 мислења досега. Секогаш сум сметал дека ќе биде многу корисно ако ја викнеме струката и науката на помош, ништо не можеме да изгубиме, можеме да добиеме и тоа ќе биде еден од моите приоритети.