28.8 C
Скопје
24. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

ОН го стави Израел на „црната листа“ поради страдањата на децата во Газа

Обединетите нации го ставија Израел на таканаречената „црна листа“ на земји кои извршиле злоупотреба на деца во вооружени конфликти, потврди израелски дипломат, бидејќи илјадници палестински деца беа убиени во континуираните напади на израелската армија врз Појасот Газа.

Во објава на социјалните мрежи, амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека добил официјално известување за одлуката од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Портпаролот на Гутереш, Стефан Дујарик, изјави дека „извештајот треба да биде претставен пред Советот за безбедност на ОН на 14 јуни, а потоа и официјално да биде објавен неколку дена подоцна“.

На списокот на срамот се Русија, Демократска Република Конго, Сомалија, Сирија и Хаити.

Групите за човекови права постојано ги осудуваат последиците од израелското бомбардирање и опсада на Газа, што предизвика смрт на илјадници деца.

Повеќе од 36.700 Палестинци се убиени во израелските напади од почетокот на октомври минатата година, меѓу кои 15.571 дете, соопшти канцеларијата за медиуми на владата на Газа.

Претходно оваа недела, агенцијата на ОН за детски права УНИЦЕФ соопшти дека девет од 10 палестински деца во Газа живеат во „тешка сиромаштија“.

За споредба, во 2020 година, само 13 отсто од децата во Појасот Газа живееле во тешка сиромаштија, соопшти УНИЦЕФ.

Светската здравствена организација, исто така, минатата недела соопшти дека четири од пет палестински деца во Газа „не јаделе цел ден барем еднаш на секои три дена“./Извор:Makfax