30.8 C
Скопје
13. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Новата претседателка на Исланд е 55-годишна претприемачка

Претприемачката Хала Томасдотир (55) е победник на претседателските избори во Исланд и ќе ја преземе главно церемонијалната улога од актуелниот претседател Гудни Јоханесон, објави телевизијата RUV.

Томасдотир освои 34 отсто од гласовите на саботните избори во северноатлантската земја, победувајќи ја поранешната премиерка Катрин Јакобсдотир, која се повлече од премиерската функција во април за да се кандидира за претседател. Таа освои 25 отсто од гласовите, според RUV.

Претседателот, кој се избира за четиригодишен мандат, има ограничени политички овластувања, но често делува како обединувачка фигура во островската држава од речиси 400.000 луѓе, која е членка на НАТО.

Томасдотир, која ќе биде седмата претседателка на Исланд од основањето на републиката во 1944 година, беше во претседателската трка пред осум години. Тогаш таа беше втора зад Јоханесон. Новата претседателка ќе положи заклетва на 1 август.

Томасдотир беше претходен шеф на Стопанската комора на Исланд, а во 2007 година ја основаше компанијата за финансиски услуги Audur Capital, со цел да ги вклучи општествената одговорност и жените во финансиите.

Исланд е рангирана како најдобра земја во светот за родова еднаквост во последните 14 години, според Светскиот економски форум./Извор:Makfax