Безбедносните служби во Европа се во состојба на готовност од потенцијално ново оружје на руската војна – подметнување пожар и саботажа. Имено, низа пожари и напади на инфраструктура се забележани во балтичките држави, Германија и во Велика Британија.
По избувнувањето пожар во ИКЕА во Вилнус, Литванија, во мај, полскиот премиер Доналд Туск сугерира дека тоа можеби е дело на странски саботер.
Инспекторите веќе ја наведоа потенцијалната вмешаност на Русија во пожарот во источен Лондон, пожарот што го уништи најголемиот трговски центар во Полска, обидот за саботажа во Баварија, Германија, и антисемитските графити во Париз, пишува „Гардијан“.
Иако нема конкретни докази дека овие напади во континентот се координирани, безбедносните служби веруваат дека тие би можеле да бидат дел од систематскиот обид на Москва да го дестабилизира Западот, кој ја поддржува Украина.
Загриженоста дека овие хибридни напади би можеле да бидат дело на Русија е таква што тие беа дискутирани на самитот на министрите за надворешни работи и за одбрана во Брисел оваа недела со холандски, естонски и литвански безбедносни претставници, сите предупредувајќи на националните ранливости.
Министер, кој сакаше да остане неименуван, рече дека тие се длабоко загрижени за „саботажа, физичка саботажа, организирана, финансирана и извршена од руски полномошници“.
Туск минатата недела откри дека полските власти уапсиле девет лица во врска со саботажа, наводно извршена по наредба на руските служби.
Тој рече дека злосторствата наводно вклучуваат „тепање, палење и обид за палење“ и дека иследниците испитуваат дали Русија е вмешана во пожарот во трговскиот центар во Варшава, тврдење што руската амбасада го опиша како теорија на заговор.
Во април Британец беше обвинет дека организирал подметнати пожари во две единици поврзани со украински бизнисмен во индустриски имот во Лејтон, источен Лондон, и наводно бил регрутиран од руското разузнавање. Обвинителството објави дека мажот бил „вклучен во однесување што таргетирало компании поврзани со Украина со цел да има корист на руската држава“.
Во вторникот, естонскиот министер за одбрана, Хано Певкур, во Брисел на одбранбениот самит на ЕУ, рече дека земјата веќе е жртва на руска саботажа.
„Тие спроведоа слични операции во Естонија. Ангажирале 10 лица да го нападнат автомобилот на министерот за внатрешни работи и новинарите. Ова е нормално однесување на Русија. Жал ни е што мораме да го кажеме тоа, но мораме да разбереме дека Русија е сè поагресивна кон европските земји, а исто така и кон земјите од НАТО“, рече тој.
Во 2023 година Германија беше погодена од бран сајбер-напади за кои беше одговорна хакерска група поврзана со руското разузнавање, пренесува медиумот.
Минатиот месец двајца германско-руски државјани беа уапсени под сомнение дека планирале напади, вклучително и напади врз воена база во Баварија. Главниот осомничен е обвинет за планирање на експлозијата, подметнување пожар и одржување контакт со руското разузнавање.
Инспекторите во Франција истражуваат дали графитите напишани на споменикот на холокаустот во Париз минатата недела биле нарачани од руските безбедносни служби.
Нападите, стравуваат европските претставници, придонесуваат за веќе растечката кампања за дезинформации. Во средата неколку училишта во Атина беа евакуирани по лажни закани за бомби. Полицијата му влезе во трага на рускиот сервер и рече дека целта била „да се наруши јавниот ред“.
Земјите од ЕУ ги следат сите овие настани. Литванскиот Национален центар за управување со кризи (НКВЦ) ги предупреди бизнисите, вклучително и трговските центри и организациите што ја поддржуваат Украина, да ја зголемат будноста.
Во понеделникот холандскиот национален координатор за безбедност и борба против тероризмот предупреди на ризикот од субверзивни операции во Холандија, вклучително и „шпионажа и подготовка за саботажа на виталната инфраструктура“.
Во вторникот во Брисел, холандската министерка за одбрана, Кајса Олонгрен, рече дека Русија „се обидува да ги заплаши“ земјите од НАТО правејќи ги земјите членки на ЕУ ранливи.
„Да, ние сме ранливи. Мислам дека сите сме ранливи, имаме инфраструктура на морското дно, имаме снабдување со електрична енергија, снабдување со вода, ранливи сме на сајбер-напади. Сега во неколку европски земји гледаме дека Русија се обидува да нѐ дестабилизира и заплаши“, посочи таа.
„Мислам дека тоа беше начинот на кој Русија и Советскиот Сојуз работеа во поновата историја и мислам дека често сме го гледале тоа во 75-те години на НАТО“, додаде таа.
И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го впери прстот кон Москва. „Забележавме зголемена активност на руската разузнавачка служба во целата алијанса. Затоа ја зголемивме нашата будност“./Извор:Makfax