22.8 C
Скопје
27. јули 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадиновска – Стојчевска прва и единствена реагира на свечената изјава на спикерот Гаши

Новиот Претседател на Собранието на Република Северна Македонија го прекрши духот на мултиетничноста на нашата држава, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва за време на конститутивната седница на новиот собраниски состав а истото го стори и претседавачката на конститутивна седница на Собранието, пратеничката Мерита Колчи Коџаџику, реагира пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска – Стојчевска.

„При тоа, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ од тесно-коалициони и тесно-партиски причини немаа ни капацитет, ни причина, ни порив да помислат спротивно на ваквиот анти-македонски чин“ вели таа.

Во својата објава, пратеничката на СДСМ објаснува зошто е скандалозно свечената заклетва да се дава прво на албански, а потоа на македонски јазик

Зошто е скандалозно свечената заклетва да се дава прво на албански, а потоа на македонски јазик? Прво, затоа што македонскиот јазик е првиот официјален јазик на Северна Македонија, а потоа следат другите, не помалку важни јазици, но утврдени со Устав согласно процентуалната застапеност на граѓаните кои го зборуваат. Второ, јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање – јазикот е средство за службена и друг тип комуникација. Трето, претседател на Собрание може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец и било кој друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Северна Македонија е македонскиот јазик. Четврто, единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик – сигурна сум дека денешната конститутивна седница има и силен меѓународен одек“ пишува Костадиновска – Стојчевска.

Покрај македонскиот јазик, додава Костадиновска – Стојчевска, втор официјален јазик е албанскиот, но нема полоша политика од тоа јазиците да ни станат методи за политичка пропаганда.

„Затоа, да се почитуваме, да си ги почитуваме Уставот, државата, законите, различностите и особеностите“ вели пратеничката.