Европската Унија има намера да постигне начелен договор за продолжување на граничната мисија на ЕУ во Рафа, град на југот на Појасот Газа, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Говорејќи пред месечниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, Борел, исто така, го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека користел лажни наводи за антисемитизам против Меѓународниот кривичен суд за свои политички цели.
Унијата размислува за заживување на својата гранична мисија на Европската унија (ЕУБАМ) Рафа, која беше суспендирана во 2007 година, кога палестинската исламистичка милитантна група Хамас ја презеде целосната контрола врз Газа.
Преминот Рафа е главната влезна точка за помош од Египет и е затворен откако израелските сили ја презедоа контролата врз него од страната на Газа пред речиси три недели.
„Денес можеме да имаме политичка одлука, а потоа таа треба технички да се спроведе“, изјави Борел за новинарите, додавајќи дека таа не може да се спроведе без одобрение на Израел, Египет и Палестинците.
Започнувањето на таа цивилна мисија треба да добие едногласна согласност од 27-те земји-членки на ЕУ./Извор:Makfax