23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ЦУК: Поплави и штети од пороен дожд и град и препорака за внимателност при нагли метео-промени

Центарот за управување со кризи информира дека вчера имало повеќе дојави за поплавувања и штети од пороен дожд, град, а и од ветер, на објекти, куќи, земјоделски површини, на патишта и на автомобили во државата.

Регионалниот ЦУК Куманово информира дека поради обилните поројни врнежи од дожд и град во Липковскиот Регион на 21.5.2024 година, имаше зголемување на нивото на Липковска Река поради што дојде до заматување на водата за пиење. Поради тоа, во текот на вчерашниот ден, 22.5.2024 година, беше прекината дистрибуцијата на водата до граѓаните сѐ до моментот на надминување на состојбата. Од страна на ЦУК вчера рано наутро било побарано инспекциските служби и Центарот за јавно здравје – Куманово да излезат на самото место, да направат увид, да земат мостри за анализа и да донесат соодветно решение за понатамошна постапка, а до тогаш беше препорачано, превентивно, водата од водоводот да не се пие, што веднаш утрово беше пренесено бргу и ефикасно од медиумите. Инаку, вчера, по седницата, која почна околу 12 часот, на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, беа донесени следните заклучоци и препораки:
„Главен проблем претставува заматувањето на водата во водоснабдувачкиот систем поради обилните дождови. Поради тоа, водата што се доставува во водоводната мрежа во Куманово исто така е заматена. Препораката до граѓаните е водата да се користи само како техничка или ако се користи, претходно да се зоврие. Препораката останува сѐ додека не се утврди дека таа е безбедна за пиење.
Се задолжува Општинскиот штаб за заштита и спасување да достави барање до надлежните институции (Агенцијата за храна и ветеринарство и Центарот за јавно здравје) за добивање решение за употреба на водата во водоводниот систем како техничка.

Во општина Ранковце, поради врнежите од дожд, има зголемување на водостојот и излевање на Крива Река во атарот на с. Опила. Од општина Ранковце, по увидот на самото место, каде што е една нива и импровизирано игралиште се поплавени, е констатирано дека тоа е нерасчистеното корито од широкораспространетата вегетација. Мерки за расчистување Општина Ранковце ќе преземе веднаш по смирување на водата во речното корито и нејзино повлекување.
Во општина Кратово, во согласност со и добиените информации од граѓани, дел од патот кај месноста База, пред мостот кон с. Куклица, поради зголемен водостој, Крива Река е излеана и е поплавен дел од патот. Висината на водата во тој дел од патот е 30-ина см, па сообраќајот се одвива отежнато“, стои во информацијата од ЦУК.

Регионалниот ЦУК Скопје известува дека преку единствениот повикувачки број за итни случаи 122 добиени се разни пријави поради обилните врнежи од дожд и град, и тоа:
– Во 13.41 часот пријава за поплава на дел од земјоделско земјиште како последица од излевање на Маркова Река во близина на мостот на улицата Горно Лисиче бб (општина Аеродром);
– Во 13.41 часот пријава дека одводниот канал на улицата Финска во населбата Ченто е затрупан и обраснат со дива вегетација. Како што посочува пријавителот, веќе двапати околните куќи и нивните подрумски простории биле поплавувани (општина Гази Баба);
– Во 15 часот пријава за поплавени дворови и подрумски простории на улицата Драчевска во Драчево поради запушени одводни шахти (општина Кисела Вода);
– Во 17.50 часот пријава за поплавени подрумски простории од станбена куќа на улицата Ниџе Планина бр. 19 во Драчево (општина Кисела Вода).
– во општина Чучер Сандево има пријави за неколку оштетени куќи и моторни возила во селата Блаце и Бродец како последица од поројните врнежи од дожд и град.
Сите овие пријави, Регионалниот ЦУК Скопје, по комуникациската координација за помош во првиот момент на итните случаи, ги проследи до соодветните единици за локална самоуправа – општините за понатамошна постапка.
Регионалниот ЦУК Штип известува дека во с. Уларци, општина Чешиново – Облешво, како последица од поројните врнежи дошло до преполнување на каналите за наводнување. Атмосферската вода навлегла во веќе полните канали за наводнување, кои биле спремни за сеидба на оризот. Поплавени биле повеќе дворови и објекти. Комуналното претпријатие од опшината Чешиново – Облешево работи на расчистување на тесните грла од каналите, при што на нивно барање. најверојатно, ќе добијат помош со градежна механизација од соседните општини.

Голема внимателност се препорачува при појавата на локалните, кратки, но нагли метео-промени, да се избегнува движење во засеци во природата, суводолици и многу блиску до речни корита, а и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења: да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Сите итни случаи, според ЦУК, се пријавуваат на единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации./Извор:Makfax