23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Кинеската армија го опколи Тајван, почнаа воените вежби: „Ова е казна за сепаратистичките потези“

Источната команда на Народноослободителната војска на Кина соопшти дека почнала заеднички воени вежби во кои учествуваат армијата, морнарицата, воздушните сили и ракетните сили.

Кина почна нови дводневни воени вежби околу Тајван, со цел, како што рекоа, „да ги казнат за сепаратистичките потези“. Сето ова го почнаа неколку дена по заклетвата на претседателот. Вежбите, кои почнаа рано во четвртокот и ќе го опкружат Тајван, се првиот вистински тест за Лаи Чинг во справувањето со екстремно лошите односи со Кина откога тој ја презеде функцијата нов претседател во понеделникот. Кинеската влада тврди дека Тајван е дел од нејзината територија и покрај тоа што никогаш не го контролирала, пренесува Си-ен-ен.

Полковникот Ли Кси, портпарол на командата, ги нарече вежбите „силна казна за сепаратистичките акти на силите за независност на Тајван и сериозно предупредување против мешањето и провокациите на странските сили“.

Лаи, кој го почна својот трет последователен мандат, Пекинг го карактеризира како опасен сепаратист поради застапувањето на суверенитетот и посебниот идентитет на Тајван. Пекинг го осуди инаугуративниот говор на Лаи за време на кој тој ја повика Кина да престане да го заплашува Тајван.

Во соопштението во четвртокот тајванското Министерство за одбрана рече дека испратило поморски, воздушни и копнени сили за да одговорат на кинеските вежби. Тие изразија жалење за „ваквите ирационални провокации и акции, кои го поткопуваат регионалниот мир и стабилност“, пренесува „24 часа“./Извор:Makfax