„Во моментов што се однесува на книгите, на словенечки работам на две големи серии, една серија за словенечката дипломатија, ќе бидат десет големи книги во наредните десет години. Потоа, правам една серија на книги за дипломатијата, одбрани теми на англиски јазик, ист таков формат. Што се однесува на македонскиот циклус, го подготвуваме вториот дел, ова е првата книга за бардот на македонскиот журнализам, рече амбасадорот Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор и во нашава земја во интервју на Слободен печат.
Тој додаде дека до крајот на годината ќе излезе и второто издание на „Скопски разговори“.
„Ќе бидат десетина нови интервјуа кои ги дадов во тоа време. Потоа, подготвуваме една книга со моите авторски македонски писанија, ќе има околу 400 страници со разни есеи, прилози кои јас ги пишував за македонските случувања додека бев во амбасадата и кое сега ги пишувам во овие четири години“, посочи Јазбец.
Тој додаде, сега се подготвува еден циклус за легендарната спикерка и радио-новинарка на Радио Скопје Искра Чоловиќ, која почина минатиот декември.
„Како уредник сега подготвувам три книги: едната е мементо, луѓето која ја знаеја пишуваат за неа како исклучителна новинарка на Македонското радио, нема такви многу, знам од моето журналистичко и генерациско искуство. Потоа, една книга ќе биде за неа од становиште на публицистиката и компаративистиката, а полека се собираат кратки песни кои одделни луѓе ги пишуваат за неа“, потенцираше Јазбец.
Тој заклучи дека ќе се состави еден циклус од три книги за една новинарка која остави трага во македонскиот журнализам.