„Овие четири години додека сум во Љубљана моето работно темпо многу се смири. Тоа значи дека имам време да размислувам за себе, за сè што работам и мене еднаш ми светна дека, всушност, јас сум роден во светот на книгата. Мојот дедо Албин Јазбец беше физички работник на железница. Тој, знаете, со копач ја поправаше железничката пруга, значи најобични работи, но беше претплатен на два дневни весника и на книги на издавачката куќа „Прешернова заложба“ и тој ги читаше како обичен просечен човек од село“, рече амбасадорот Милан Јазбец, поранешен словенечки амбасадор и во нашава земја во интервју на Слободен печат.
Тој додаде дека кога станал свесен за самиот себе како дете од две-три години, бил опкружен со весници и книги.
„Значи, тоа е мојата вокација. Како што сега на оваа маса се книги, така јас се најдов меѓу тие книги, со нив пораснав и сега гледам дека тоа беше клучно за мојата животна определба, иако не знаев, не бев свесен. Јас станав свесен за тоа пред неколку години и таа слика ми се заокружи, што значи секој човек во животот има некаква пресвртница која некаде ќе го турне или ќе му покаже некаков пат. Но, тогаш од човекот зависи, од активностите, дали ќе се оствари или нема да се оствари тоа…“ заклучи Јазбец.