23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Џафери на Самит на лидери во Котор: Реформите се клучен чекор за доближување на регионот во ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во рамки на учеството на Регионалниот самит на лидери во Котор, под мотото „Еден регион, заедничка визија“, се обрати на Панелот „Состојбата на терен и идните планови-нов план за раст“. Во своето обраќање, претседателот на Владата истакна дека независно од тоа што Северна Македонија се наоѓаше во предизборен период, за Владата, евроинтеграцијата беше врвен приоритет и беше фокусирана на спроведувањето на приоритетните реформи кои се важни за членството на државата во ЕУ.

„Владата која ја предводам, останува посветена на остварувањето на европската агенда, која бара спроведување на суштински реформи и усогласување со правото и стандардите на Европската Унија.

Дополнително, го поздравувам усвојувањето на Регулативата за Механизмот за реформи и раст, со која се обезбедени дополнителни финансиски средства за поддршка на реформите, а чие користење е поврзано со испорачување резултати. Изминатиов период, и покрај фактот што Северна Македонија беше во изборен период, интензивно работевме на финализирање на нашата Реформска агенда 2024-2027. Последната нацрт верзија на Реформската агенда, одобрена од Владата, беше споделена со Европската комисија на почетокот на мај“, рече премиерот Џафери.

Во рамките на овој процес, потенцираше претседателот на Владата, Талат Џафери, изминативе два месеци, Северна Македонија поднесе пред-апликација за членство во СЕПА, а Владата објави јавен повик на кој аплицираа повеќе македонски центри за дигитални иновации.

„Ова се мали, но значајни чекори кои ја потврдуваат насоката на движење на земјата. Со ист таков ентузијазам и посветеност очекувам да се спроведат најновите патокази кои се однесуваат на забрзаното приближување кон заедничкиот внатрешен пазар, но и спроведувањето на Реформската агенда. И, последно, но не помалку важно. Во однос на регионалната соработка, ги поддржуваме начелно поставените темели во новиот Акциски план за Заедничкиот регионален пазар. Имајќи предвид дека сме во период пред избор на нова Влада, деталните активности за кои се надлежни ресорните институции допрва треба да бидат етаблирани и развиени во периодот што следи“, рече премиерот.

Претседателот на Владата на Северна Македонија во своето обраќање потенцираше и дека за да успее новиот Акциски план за Заеднички регионален пазар на кој напорно работат сите, треба да се одблокира работењето на ЦЕФТА, а Северна Македонија да има свој претставник на највисоко ниво.

„Се надевам дека оваа трасирана патека ќе продолжи да биде водилка и за следната Влада на Република Северна Македонија“, истакна Џафери на крајот на своето обраќање.